Ричард Аведон, таткото на современата модна фотографија

Еден од највлијателните фотографи на 20 век, познат по специфичните глетки што ги внел пред сè во модната фотографија.

ricard 1Роден во Њујорк (1923), во руско-еврејско семејство уште во училиште во Бронкс работел во училишниот весник. По краткото студирање на универзитетот Колумбија заминува во американската трговска морнарица каде што започнува кариера на фотограф, а три години подоцна почнува да работи како моден фотограф во „Харперс Базар“.

ricard 3Од 1946 отвора сопствено студио и почнува да работи фотографија и за други списанија, вклучувајќи го и „Вог“ и „Лајф“, а наскоро станува и главен фотограф на „Харперс Базар“.

ricard 2Од 1966 го напушта „Харперс Базар“ и преминува во конкурентниот „Вог“, каде што останува на местото главен фотограф, работејќи ги сите насловни страници од 1973, па сè до 1988 година, кога уредник на „Вог“ станува Ана Винтур. Модната фотографија на Ричарда Аведон во овој период ги опфаќа кампањите на Версаче, Клајн, Ревлон. Покрај модната фотографија Аведон во тој период многу време им посветува и на фотографиите што силно ги прикажуваат општествените и политички движења во светот, фотографирајќи пациенти во ментални болници, Движењето за човекови права во 1963, протестите против војната во Виетнам, а подоцна и паѓањето на Берлинскиот ѕид. Во текот на овој период Аведон направил и два прочуени сета фотографии од портрети на Битлси.

ricard 4

Во списанието „Њујоркер“ именуван е за главен фотограф во 1992. Добил многу награди за фотографија, а делата му се прикажувани на изложбите во музеите МОМА, Смитсонијан, Метрополитен.

ricard glavnaИако репутацијата ја постигнал како моден фотограф, Ричард Аведон најголемиот успех и слава ги стекнал со импресивната серија на портрети, кои го втемелиле новиот жанр во портретирање.

Езра Паунд пред објективот на Аведон

Езра Паунд пред објективот на Аведон

Оваа специфична галерија на портрети прикажува писатели што ги фотографирал од 1950 до 1970 година. Фотографиите се карактеристични по стилот на Аведон: минималистички, но многу моќни и авторитативни. Им обраќал големо внимание на техничките детали, резолуцијата на фотографиите е импресивна, се гледаат секој детаљ, секоја брчка, секоја пора на лицето.

Џон Галијано

Џон Галијано

Лицата од фотографиите нè гледаат право во очи. На тие портрети се Бекет, Арундати Рој, Ален Гинзберг, Езра Паунд, Маркес, Ружди, Олдос Хаксли, Борхес, Маргарет Дирас, но и Мерилин Монро во друштво на Артур Милер, и многу други. Како на еден албум на векот на кој припаѓа, Аведон ги има оставено можеби најинтригантните портрети, во кои доминираат црно-белите фотографии за да се претстави комплетната личност на некој писател.

Аведон знаел како да го фати оној вистински миг, онаа интимност, непознатата страна на карактерот. Работел најмногу во своето студио на Ист Сајд на Менхетн – во простор што му дозволувал да ги контролира сите елементи на фотографијата, а на моделите им давал потполна слобода и спонтаност.

Ричард Аведон починал на 1 октомври 2004 година во Тексас, во текот на снимањето за „Њујорк тајмс“. Зад него останаа син му и четирите внуци. Во текстот што „Њујорк тајмс“ го објави по повод неговата смрт, речено е дека „неговите модни и портретски фотографии помогнаа да се одреди американската слика на стилот, убавината и културата во втората половина на векот.“

С.Спасиќ

x

Check Also

Тејлор Хил и сестра ѝ позираат во новогодишната кампања на Polo Ralph Lauren

Моделката и ангел на Викторија сикрет е една од лицата на празничната ...