Направете од ручекот вистински празник за непцата со овој превкусен ролат од телешко месо.
За да го подготвите ова вкусно јадење потребно ви е:
1,5 кг. телешки гради
1 кг компири
½ кафена лажичка сенф
1 врзоп зелен за супа
200 мл бело вино
Мед
2 лажици коњак
1 лажица маргарин
Листови естрагон, тимијан, сол и црн пипер
Масло за јадење
За филот потребно е:
100 грама мелено месо
50 грама чадена сланина
1 главица кромид
1 лажица маргарин
1 парче леб без корка
Малку млеко
1 јајце
100 грама шампињони
Сол, црн пипер, листови естрагон или жалфија
Подготовка на филот:
Ситно исечканиот кромид кратко испржете го на маргаринот. Додадете ги на меленото месо со исечканата сланина, лебот потопен во млеко и исцеден, јајце, сол, црн пипер, естрагонот или жалфијата и шампињоните.
Подготовка
На телешкото месо отстранете му ги коските, посолете и наросете мелен црн пипер. Во месото засечете поголем џеб и наполнете го со претходно подготвениот фил. Зацврстете го џебот со чепкалки и свиткајте го месото во ролат. Премачкајте го ролатот со сенф, наросете тимијан и попрскајте со масло за јадење. Во тавата за печење врз ролатот наредете половинки излупени компири и исечкан зелен за супа. Печете час и половина на 200 степени. Повремено месото преливајте го со сокот во кој се пече, а по еден час печење додадете 100 мл вино. Пред крајот на печењето премачкајте го ролатот со мед и 1 лажица коњак. Испечениот ролат извадете го на чинија и оставете го да се излади. Во изладениот сос од печењето додадете го преостанатото вино, естрагонот и 1 лажица коњак, и ставете да зоврие. Со овој сос прелијте ги парчињата ролат.