Романот за сите љубители на историската фикција, „Арамиско гнездо“ од Ѓорѓи Абаџиев, ќе биде претставен со онлајн-разговор

Класичниот роман „Арамиско гнездо“ од писателот Ѓорѓи Абаџиев, кој неодамна беше реобјавен во издание на „Арс Ламина – публикации“, ќе биде промовиран онлајн, на 13 јули (вторник), со почеток во 19 часот. Кон делото на Абаџиев ќе се осврне проф. Марија Георгиева Димова, професорка по компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Онлајн-разговорот ќе го води Ведран Диздаревиќ, уредник во „Арс Ламина“. Промоцијата ќе може да се проследи на фејсбук-страницата на издавачката куќа „Арс Ламина“.

Романот „Арамиско гнездо“, кој првично бил публикуван во 1954 година, неодамна беше реобјавен во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, во рамките на едицијата „Македонски книжевни класици“, чијашто цел е реобјавување на класичните дела на македонската книжевност.

Инаку, станува збор за еден од првите романи издадени на македонски јазик. Во него Абаџиев ја користи својата богата имагинација, полна со историско знаење, за да ни го наслика времето на ајдутството. Преку ајдутите Мануш, Трајко и Муса, нивните љубени Дафа и Јана, чорбаџијата Гого Јане, Топуз-бег, Билбил-ага и уште многу други, тој му вдахнува живот на не толку далечниот XIX век. „Арамиско гнездо“ е роман за сите љубители на историската фикција! Книгата е богата со прекрасни пејзажи: возвишени планини, мистериозни шуми, брзи потоци, мирни и затскриени села. Приказната е испреплетена со авантура, борби и љубов, во која непрестајно се мешаат романтизмот на народните песни, легендите и преданијата, и суровиот реализам на историските факти.

Ѓорѓи Абаџиев (07.10.1910, Дојран – 02.08.1963, Скопје) е еден од првите македонски раскажувачи и романсиери, особено истакнат по своите романи и раскази втемелени врз македонската историја. Од најмала возраст живее како емигрант во Грција и во Бугарија. Во 1948 година се враќа во Македонија, каде што во Скопје е еден од основачите и најактивните соработници на Институтот за национална историја. Од 1949 година, тој е член на Друштвото на писателите. Престојува во Скопје до крајот на својот живот. Неговото творештво главно е содржано од раскази и романи со историска предлошка. Ги објавува следниве дела: „Труд и луѓе“ (уметнички репортажи и раскази, коавторство, 1936), „Изгрев“ (раскази, 1950), „Епопејата на Ножот“ (раскази, 1951), „Последна средба“ (раскази, 1953), „Арамиско гнездо“ (роман, 1954), „Пустина“ (роман, 1961), „Балканските војни и Македонија“ (монографија, 1972). Исто така, тој е еден од сценаристите на филмот „Мис Стон“ (1958). Во 1972 година е објавен избор од неговото творештво во четири тома.

Во рамките на едицијата „Македонски книжевни класици“, покрај „Арамиско гнездо“, „Арс Ламина“ реиздаде уште едно познато дело од Ѓорѓи Абаџиев „Пустина“, кое беше претставено на 6 јули, со онлајн-промоција.
Романите „Пустина“ и „Арамиско гнездо“ веќе се достапни во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на интернет-страницата www.literatura.mk.

x

Check Also

Иновативниот уред IQOS отсега достапен и во Битола

Во Битола, во центарот на градот во продажниот објект Парфимерија Шатци е ...