Сѐ е подготвено за старт – Во недела ќе се трча HalkEco Скопје Трча 10КМ

Традиционалната трка HalkEco Скопје Трча 10КМ оваа година ќе се одржи на 13ти јуни, во недела, со почеток од 7:30 часот. Стартот и целта на овогодинешната десет километарска трка ќе бидат на улицата Илинденска, пред фонтаната Лотос. Оваа брза улична трка повторно ќе ги исполни скопските улици со спортски и позитивен дух.

Стартните пакети учесниците ќе може да ги подигнат во петок и сабота, на 11 и 12 јуни, во период од 12:00 до 19:00 часот, во кугланата на СРЦ „Борис Трајковски“. Натпреварувачите, пред стартот на трката ќе бидат поделени во пет стартни боксови, согласно одбраното време за трчање и ќе трчаат еден круг.

Ќе се трча од стартот на булевар Илинден, во правец кон Карпош 4, па лево од улицата Никола Парапунов до булеварот Партизански одреди, каде што ќе се врти десно во правец кон Ѓорче Петров, а кај мостот Влајко ќе се врти полукружно на раскрсницата со Ангел Динев, потоа ќе се трча по булеварот Партизански одреди до раскрсницата со улица Љубљанска, каде ќе се врти полукружно и ќе се трча до раскрсницата со улица Никола Парапунов, по што ќе се трча до самиот крај на улицата и ќе се врти десно на булеварот Илинден, по кој ќе се трча до целта, кај фонтаната Лотос.

Организаторите на HalkEco Скопје Трча 10КМ трката известуваат дека во недела во период од 7:00 до 10:00 часот, на скопските улици ќе има привремен режим на сообраќај и промена на режимот на работа на линиите на Јавниот градски превоз. Дел од улиците ќе бидат целосно затворени за сообраќај, а некои делумно.

Улици кои ќе бидат целосно затворени за сообраќај се следниве: Булеварот Илинден во двете насоки, од раскрсницата со булеварот Климент Охридски до раскрсницата со улицата Никола Парапунов, булеварот Партизански одреди во правец кон Ѓорче Петров, од раскрсницата со улицата Љубљанска до раскрсницата со улицата Ангел Динев, како и улицата Никола Парапунов, од раскрсницата со булеварот Илинден до раскрсницата со Партизански одреди.

Сообраќајот ќе биде делумно затворен на следните улици: Булеварот 8ми Септември, од раскрсницата со булевар Партизански одреди до раскрсницата со  улицата Скупи, улицата Бледски договор, а сите улици кои се вкрстуваат со булевар Илинден ќе бидат затворени за влез кон булеварот.

Трката ќе биде комплетно организирана според безбедносни протоколи и препораки утврдени од Владата и Комисијата за заразни болести, со цел заштита на учесниците и организаторите. Деталите за протоколите и препораките на трката се објаснети на линкот – ТУКА. 

Сите учесници ќе мора да ги почитуваат протоколите, во спротивно нема да можат да ја започнат трката. Носењето на заштитна маска ќе биде задолжително цело време, освен за време на трката.

Организатор на трката е Сојузот на спортови на Скопје, заедно со Атлетскиот Клуб „Работнички“ од Скопје и насловениот спонзор HalkBank, а генерален покровител на трката е Агенцијата за Млади и Спорт на Р.С.Македонија.

 

x

Check Also

Согорување калории – Крофните ќе ги истопите со 45-минутно возење велосипед со брзина од 20 километри на час

На топ листата на производи чија калориска вредност неретко ја потценуваме се ...