Најдоброто од 2013 година: Сајмон Бек, човекот кој со чекори создава уметнички дела

Неговото име е Сајмон Бек (Simon Beck) и неговите уметнички дела се незаборавни. Тој создава уметност во снегот. Да, во снегот, во текот на долгите дневни прошетки, неговите стaпала прават ремек-дела што ни го одземаат здивот. Можеби некого го потсетуваат на кругови во жито, некого на арабески и шари, но во секој случај тој незаморно оди и чекор по чекор создава единствена уметност.

simon 5

Првпат за едно македонско списание Сајмон Бек раскажува за својот живот и за својата работа. Дури и ако не сте голем љубител на зимата, веруваме дека, после оваа приказна и фотографии кои Сајмон сам ги прави за да ги сочува своите дела, и сами ќе се вљубите во снежната, бела и ладна зима. Нека почне зимското волшепство:

Како почнавте со снежната уметност?

Се започна една вечер, како мала игра после скијање. Таму некаде, во 2004 година, се занимавав многу сериозно со вештините за ориентација, па обично заминував во шумите и долините на Француските Алпи или се искачував по Црвените врвови (Aiguilles Rouges ), тоа е планина над нивото Арк 2000, кога навечер жичарниците ќе се затворат. Еднаш посакав само малку да вежбам, а со себе го носев својот Силва 54 компас, што го употребував за правење на мапи за ориентација и преживување, па така се упатив до едно мало езеро покриено со снег, надвор од ресортот каде што бев сместен.  Направив пет точки кои правеа петоаголник. Потоа ги поврзав за да направам ѕвезда. Потоа направив уште 15 триаголници, па додадов уште и неколку кругови и резултатот беше импресивен, а особено што во близина имаше и височина од која можеше се да се види од птичја перспектива. Кога падна нов снег и кога цртежот беше покриен, направив следен, уште покомплициран.

Сепак, требаше да пројде малку повеќе време за таа идеја да заживее во мене. Сметав дека тоа е како некое попатно хоби кое ме одвлекува од вежбите за ориентација, а и морав да се одречам од одењето по езерата бидејќи тоа беше многу опасно, а еднаш дојде и полиција да ме испраша што следно подготвувам, а јас се подготвував да одам на Езеро Марло и тоа без чевли за снег. Тоа се беше премногу напорно и потоа ја напуштив идејата, а плус немав ни дигитален фотоапарат, ниту пак таму на Арк 2000 постоеше интернет.

simon 6

Колку време ви е потребно за да направите една слика?

Од прилика, еден долг ден, за главните места на Арк 2000, на простор од 1,3 хектари. Обично застанувам поради замор,  а ако не сум премногу уморен продолжувам и во текот на вечерта се додека сликата не е готова. На тоа се додава и времето поминато во собата додека проучувам кој е најдобриот начин да ја изведам одредената слика.

Колку време ви треба за да го осмислите цртежот?

Често копирам разни нешта што ќе  ги најдам, на пример, кругови во житото или некои добро познати математички фигури или ги повторувам цртежите кои претходно сум ги правел, или не сум успеал добро да ги фотографирам.  Некои цртежи кои ми се нарачани да ги направам бараат и сериозен студиозен пристап, за да се изведат на најдобар начин, а тој процес понекогаш трае со часови.

simon 4

Како луѓето реагираат на вашите дела?

Поголем дел од луѓето едноставно ги сакаат, им се допаѓаат, но сепак некои загрижени скијачи повеќе сакаат да скијаат по недопрен снег, но секако најдобрите места за снежна уметност не се и најдобри места за скијање бидејќи се премногу рамни.

Кои се најдобрите временски услови за снежна уметност?

Обилните снежни врнежи еднаш неделно и шест дена убаво ладно време после тоа. Тоа од прилика би овозможило да се направат две слики неделно и потоа да се направи и добра фотографија, а потоа следната недела да се искористи истата површина под новиот снег.

Колку обично траат ваквите слики?

До следните обилни снежни врнежи. Сепак, во текот на 2011 година, еден исклучок беше цртежот од почетокот на сезоната што како дух се појавуваше од под трите следни цртежи кои настанаа во текот на сезоната на тоа место. Друга екстремност беше цртежот што го завршив во половина час после полноќ, на 19 декември 2011 година,  кој потполно исчезна додека утредента се разбудив, иако успеав да направам неколку фотографии во текот на ноќта.

simon 3

Кога не правите снежна уметност, со што се занимавате?

Правам мапи за ориентација, но сега тоа веќе не го сфаќам толку сериозно. Најмногу време минувам патувајќи по Алпите, искачување на планините, со цел пред самрак да се вратам со добри фотографии.  Моите нозе најмногу трпат, но се додека успевам својата тежина да ја префрлам некако пред нозете, не е ни толку лошо.

Што е најтешко додека ги правите сликите на снегот?

Мерењето е тешко кога видливоста е намалена и кога нема сенки, а и одењето во права линија и одредувањето на закривеност е тешко. А тешко е и да се направи добра фотографија.

simon 2

А што е најубаво додека ја правите сликата?

Обично последните неколку часа, навечер, додека ја употребувам батеријската лампа што ја носам на главата. Некогаш се случува сликата да е безмалку готова, а да помине возило кое го израмнува снегот по околните патеки за скијање и кога ќе ги впери своите светла кон сликата тоа изгледа фантастично.

Употребувате фотографии како медиум со чија помош можете да ги сочувате своите уметнички дела, многу сте активен и на Интернет, несебично ги делите фотографиите на своите цртежи, информациите за новите акции…Дали планирате да направите можеби книга за своите слики во снегот?

Да, дефинитивно ќе направам книга, но морам да соберам уште фотографии со подобар квалитет, да знаев уште од почеток како се ќе се развиваше ќе купев многу подобар фотоапарат!

Што може да очекуваме во 2014 година од Вас?

Уште повеќе од се ова. Важно е да се донесе одлука дали прифаќате нарачки за цртежи или сепак предност давате на уметничкиот пристап, а парите да ги заработите од продажба на фотографии. Сакам да ги идеализирам работите и да се фокусирам целосно на убавината на она што го правам. И да си држам среќа дека ќе можам тоа и да го финансирам.

Сузана Спасиќ

x

Check Also

Новата колекција на ZARA нè подготви за лето 2021

Сонувате за летото и плажите? Модната марка Zara веќе не однесе таму, ...