Само еден подарок од вас значи една насмевка повеќе. Детска. И родителска.

Новогодишниот и божиќниот период се најубавата празнична сезона во годината особено за децата кои уживаат во вниманието, подароците и слатките пакетчиња.

Ова е нашата хумана елка која заедно со вас треба да им донесе насмевки на 8 деца од социјално загрозеното семејство од с. Орешани. Не ја одминувајте нашата елка поставена на вториот кат во Скопје Сити мол! 

И додека домовите ни замирисуваат на цимет и ѓумбир, додека ги правиме омилените колаченца „џинџермен“, додека украсената елка светка давајќи ни „сигнали“ на спокојност и сигурност, додека под неа се наредени убаво спакуваните подароци, украсени со црвени панделки, кои чекаат да се отворат пред самиот Божиќ, помислуваме на бројните семејства кои за своите дечиња тешко би можеле да си дозволат вакви слатки мали задоволства, иако од сесрце би сакале.

Ех, колку вредат тие детски насмевки, кои ни го стоплуваат срцето во најстудените денови од годината! Можеме ли да си погледнеме во душата и да ја премериме нивната немерливост? Можеме ли барем да ги замислиме детските очи кои ни ја „премеруваат“ тагата кога сакаме да им го подариме „целиот свет“, а не можеме.  А немаме ни за чоколадо. Немаме ни за топла облека. Оти немаме, не по наша вина. И можеме ли сега повторно да си погледнеме во душата и при тоа да останеме рамнодушни? Не за нашите, за некои други наши деца.

Ако сеуште не знаете што треба да направите пред сезоната на прослави, сезоната на прекумерно трошење, сезоната на прејадување и препијување, сезоната запечатена од етикетата на хедонизмот (за оние кои имаат), ајде повторно да си погледнеме во душата како во огледало, и да броиме детски насмевки. Ајде да броиме детски насмевки! Не само насмевки од нашите деца, туку од некои дриги наши деца, нивните насмевки да ги изброиме.

Само еден подарок од вас значи една насмевка повеќе. Детска. И родителска. Оставете го вашиот подарок за едно од осумте наши дечиња кои со своите осум пара рачиња сонуваат насмевка. И потоа, насмејте се ама тивко. И не кажувајте никому од каде ви е таа насмевка.

МАКОМОДА.КОМ Ве повикува да ни се придружите во оваа хумана мисија и да помогнете со дарување на практични или слатки подароци за преслатките деца од социјално загрозеното семејство Лазарови од с. Орешани во кое работи само таткото Сашо. Подароците можат да бидат од чоколада, новогодишни пакетчиња па се до топла облека, подароци со кои ќе им ги разубавиме и ним најубавите празници во годината и ќе направиме да се чувствуваат среќни, исполнети и стоплени.

Не ја одминувајте нашата хумана елка поставена во Скопје Сити Мол на вториот кат! Не одминувајте ја среќата која треба да ја донесеме до 8 пара подадени рачиња. Заедно. 

 

 

x

Check Also

Новите Ray-Ban очила за сонце се „лудница“  

Новата колекција на очила за сонце насловена Ray-Ban Studios x Honey Dijon е ...