Седмо издание на БУКСТАР – фестивал на Европска литература

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје со огромно задоволство го најавува седмото издание на Фестивалот на европската литература „BookStar“ / „Книжевни ѕвезди“, кој ќе се одржи од 12 до 15 октомври 2021 година во МКЦ.

Под слоганот „GENRESIS“, Фестивалот оваа година ги поставува прашањата:

Дали COVID-19 е најопипливата апокалиптична форма на цивилизацијата досега? Вител во кој ќе исчезнуваме, дел по дел? Или сме исправени пред поглавје на повторно раѓање на човештвото? Втор GENESIS? И како литературата ќе си го најде своето место во овие застрашувачки моменти? Ќе треба да најде автохтон дискурс, или судбината ѝ е веќе испишана? Нови GENRES?

Европската литература како никогаш досега посегнува по своите деконструирани и раскршени крилја. Затоа, ќе мора да креира, реплицира, колекционира, конгруира. Тука, меѓу дискрепанцата на спротивставените жанрови во настанување или не-станување, се подига нов збор – GENRESIS. Зборот беше почеток, може ли сега да биде – крај?

Различностите надвладуваат, па оваа година пред македонската публика со лично присуство во Скопје ќе бидат претставени дури девет автори:

  • Катарина Винклер (Австрија)

Со романот „Модар накит“ го сврте вниманието на книжевната јавност, а учествувала и во театарски и филмски продукции.

  • Влада Урошевиќ (Македонија)

Еден е од најпродуктивните и најквалитетни македонски писатели.

  • Огнен Спахиќ (Црна Гора)

Наградуван автор, чии книги се преведени на десетина јазици.

  • Сјон (Исланд)

Исландски романсиер и поет, кој е вистинска книжевна ѕвезда во европската литература.

  • Миодраг Мајиќ (Србија)

Познатиот двигател на промените во српското правосудство доаѓа во Скопје како автор на два врвни и омилени романи.

  • Балсор Хоџа (Косово)

Автор на неколку книги и познат и влијателен публицист.

  • Марина Вујчиќ (Хрватска)

Подеднакво активна и во театарот и во книжевноста, моментално ја извршува функцијата директорка на драмата во Хрватскиот народен театар во Сплит.

  • Софија Лундберј (Шведска)

Име што уште со романот „Црвениот адресар“ стана меѓународна сензација.

  • Михаела Гашпар (Хрватска)

Нејзино примарно занимање била скулптурата, но подоцна се предава успешно само на литературата.

Во фокусот на фестивалот, како и секоја година, ќе бидат промоциите на нивните дела. Покрај овие настани од главната програма, организаторите најавуваат и тркалезна маса на тема „Превод/комуникација,/разбирање“, настан во чест на 100-годишнината од раѓањето на Станислав Лем, книжевна дискусија на тема „Книжевни жанрови: систем или креативен хаос“, работилница за креативно пишување од страна на Сјон, книжевно читање „Ти реков, ми рече“, познатиот книжевен поткаст „Гол ручек“ во живо, Саем на европската литература и многу други содржини.

  • Влезот на сите фестивалски настани е бесплатен
  • За време на фестивалот ќе бидат почитувани актуелните ковид-протоколи.

x

Check Also

Внимавајте со диетите: Метаболизмот е побавен со секој загубен килограм!

Најтешко слабеат оние кои сакаат да „симнат“ малку килограми, поточно 2 – ...