Горан Костовски: Секоја идеја е многу моќна но, бесполезна додека не се оствари

Производите од брендот „Celebrate life“ се наменети за сите оние што се чувствуваат слободни и не се плашат да експериментираат со својот стил, а, од друга страна, се горди што носат и поддржуваат домашна сцена, нагласува дизајнерот Горан Костовски – Инд.о.г

Goran Kostovski In_dog portret

Визуелниот уметник и графички дизајнер, Горан Костовски – Инд.о.г, изгради одлична репутација во јавноста со брендот „Celebrate life“. Во уметнички контекст создаде сопствен имиџ со низа видеоперформанси, постери и стикери, додека со графичкиот ангажман стана препознатлив со мини-колекции на торби, маици, дуксери и беџови. Индивидуализмот, професионализмот, минимализмот, стрит-артот и еколошката ориентација се највпечатливите карактеристики во неговата работа. „Ако не сум доволно инспириран, не ни помислувам да создавам“, често потенцира Костовски, додека за МакМода ги открива своите инспирации и следни проекти.

Веќе извесен период ве препознаваат со проектот „Celebrate life“. Како започна целата работа и до која фаза стигнавте со развојот на проектот?

Брендот „Celebrate life“ започнав да го работам минатото лето и до сега реализирав три мини-колекции (торби, маици, дуксери и беџови). Пред десет години, пред да навлезам во дизајнот, рачно цртав маици и облека и навистина ми е драго што повторно се активирав на ова поле, само што сега се работи за ситопечат, бидејќи немам време да цртам уникати, иако колекциите се изработуваат во лимитирана серија. Главната цел и инспирација за брендот „Celebrate life“ дојде од хуманите луѓе во Скопје, коишто започнаа масовно да им помагаат на бездомните животни. Благодарение на нив многу бездомни животни си најдоа свои домови и беа тргнати од улиците. Мојата идеја беше да дадам свој придонес кон сите хумани луѓе и од продажбата да донирам симболичен износ на луѓето кои директно се вклучени во овие процеси.

Покрај сето тоа цел ми беше да ја заживеам сцената за графички дизајн и да создадам домашен производ којшто ќе се обраќа глобално и затоа го избрав англискиот јазик како водечки на целиот проект, иако во илустрациите се појавуваат и зборови на кирилица, што ги прави посебно возбудливи.

Проектот се развива пополека, но и никаде не се брзам. Битно ми е да си го задржи својот квалитет и енергичност којашто тој ја поседува. Минатата година, покрај облеките, за прв пат во Македонија реализирав и изложба со графички дизајнери. Сите имаа иста цел, да создадат дела коишто ќе ја отсликуваат состојбата на танцување и уживање во животот. Генерално сум задоволен, но, има уште доста да се работи и ќе се работи.

goran 2

Во суштина, за која целна група се наменети креациите кои произлегуваат од „Celebrate life“, бидејќи во себе носат многу танц и музика?

Производите се унисекс и се дел од уличната мода. Уличната мода е многу незабележителна кај нас. Наменети за сите оние што се чувствуваат слободни и не се плашат да експериментираат со својот стил, а, од друга страна, се горди што носат и поддржуваат домашна сцена. „Celebrate life“ е за моментите на танцување и славење на убавите нешта. Кога танцуваме ги ослободуваме сите лоши работи насобрани во нас. Илустрациите се само потсетник дека танцувањето и уживањето во самите себе и во музиката е нешто што треба да е наше секојдневие.

Колку музиката има влијание врз креациите што ги создавате?

Огромно! Никогаш доста музика, никогаш доста истражување на одредени фази во неа. Никогаш доста од добар диџеј-микс или домашен бенд! Веројатно, ако не бев ова што сум, сигурно ќе работев музика.

Каде и од што во последно време ја црпите инспирацијата за следните проекти?

Истражувањето на нови простори, дали со велосипед или пешки, од секогаш многу ми значеле. Многу често, кога имам време, одам во природа и во планина. Тие ми се клучните инспиративни моменти. Но, на пример, последната колекција „Celebrate life“ е инспирирана од некои моменти на човечност, како банирањето на циркуси во Европа и тестирањето врз животни во козметички цели. Тоа, за среќа, повеќе ќе го нема и беше клучен момент за илустрирање. Секако, колекцијата е посветена и на сите оние луѓе коишто секојдневно го користат велосипедот како свое превозно средство (огромен поздрав за експанзијата на велосипедисти).

goran 3

Што конкретно подготвувате на тој план (поврзано со инспирацијата што ја добивате од прошетките низ природа)?

Во овој период ја скицирам, и по малку ја цртам, својата нова изложба која ќе има наслов „Во шумата“, ќе биде во форма на дигитални графики а, можеби, и комбинирана техника. Идејата е да се претстави едно доживување во шума со сите нејзини бои и тонови.

Во фаза на обмислување е и нова колекција?

Да, годинава колекцијата ќе го носи името „Травелер“, ќе има многу новитети но, не би сакал да откривам повеќе, бидејќи се уште е во демо-фаза, а секоја идеја е многу моќна но, бесполезна додека не се оствари.

Кога да ја очекуваме вашата следна изложба?

Пролетта и летото се периоди за уличарење и собирање инспирација за во зима, којашто е мирна, да се реализираат сите нешта коишто се насобрале. Се надевам дека во почетокот на пролетта ќе ја реализирам новата изложба. Започнав да ја осмислувам и втората изложба на „Celebrate life“, којашто би требало, како лани, да се реализира во средината на декември. Повторно ќе имаме можност да погледнеме нови принтови од колегите од домашната сцена и како тие размислуваат на темата „Celebrate life“.

 

Тони Димков

Фотографии: Архива на Инд.о.г

x

Check Also

Тага во модниот свет: дизајнерот Кензо Такада почина од коронавирус, ќе го паметиме по моќта на цветниот принт

Јапонскиот дизајнер Кензо Такада почина на 81-годишна возраст од компликации на коронавирусот. ...