Силвија Михајловска: Колекцијата се базира на елементи на „слоу фешн“ движењето кое го карактеризира купувањето на квалитетна облека од помали брендови

Деновиве повторно е отворено модното ателје „Алшар“ каде што дизајнерката Силвија Михајловска ја прикажува својата најнова колекција за сезоната пролет-лето 2020 насловена „Snivilisation“ по истоимениот албум на брендот „Орбитал“ кој беше популарен во деведесетите години.

– Инспирирана е од скици од мои креации направени во периодот помеѓу 1995 и 2000 година и мои парчиња облека кои ги носев во тој период на техно забави, ни раскажа дизајнерката.

Колекцијата се базира на елементи на „слоу фешн“ (slow fashion) движењето кое го карактеризира купувањето на квалитетна облека од помали брендови, купување облека која трае подолго и повеќе сезони, квалитетни природни и еко материјали, совршени кроеви, редизајнирање облека…

– Се фокусиравме на квалитет на дизајнот, материјалите и изработката. Сакаме да ја нагласиме уметноста во изработката и вештината на луѓето кои ја создаваат. Идејата е да направиме уникатни парчиња облека кои се наменети да траат и да пркосат на сите брзи трендови кои ги наметнуваат масовните брендови кои изработуваат евтини парчиња облека за една сезона. Секое квалитетно парче облека создадено со љубов вреди многу повеќе од евтината облека која го поттикнува конзумеризмот и има краткотрајна вредност, објаснува Силвија.

Колекцијата има 32 изгледи, користени се природни материјали изработени од 100 отсто памук во црна, бела, жолта и сребрена боја.

– Во контекст на одговорно користење на ресурси интересно е да се нагласи дека редизјаниравме неколку парчиња облека од стари колекции, во некои креации ги употребивме сите остатотци-парченца од материјалите со што добивме интересна структура на ткаенините, макотрпен процес но со одличен ефект! За фотосесијата искористивме неколку парчиња од мојата облека носена на техно забави пред 25 години кои одлично се вклопија во целата приказна, додава дизајнерката.

Колекцијата е фотографирана во природа во една прекрасна парк-шума во маалото на дизајнерката Силвија. За реализација на целот концепт таа соработуваше со неколку македонски компании: AVON Macedonia и мејк ап артистката Миа Арабаџиева, Оптика Центар – Охрид, TNJ – fashion group (чевли) и Marija Thair „Mercy’s-handmade“ која изработила накит специјално дизајниран за колекцијата.

Модели се Зара Саздовска од „Моделс Ин“ и Маја Илиоска. „Look book“ – от за колекцијата го направи дизајнерката Силвија, а дел од фотографиите се на Крсто Златков. Целиот проект има поддршка од долгогодишните пријатели на брендот, Пивара Скопје и Скопско.

– На наше најголемо задоволство реализиравме соработка со режисерката Тамара Котевска која направи прекрасни фотографии и видеа со креации од колекцијата. Сите овие сетови од фотографии имаат различен концепт и раскажуваат посебни приказни како нејзини видувања на секоја од креациите кои се фотографирани и кои наскоро ќе бидат објавени, вели Силвија.

Колекцијата е достапна во ателјето Алшар на ул. Ленинова кое работи секој ден од 11,30. до 19,30 часот.

x

Check Also

Поглед на летната колекција на MASSIMO DUTTI

Топ моделот Грејс Елизабет е главно лице во новиот тренд водич на ...