Сладок празничен десерт – Карамелизирани крушки

Еве уште една прекрасна идеја за празничен десерт кој лесно се подготвува.

Намирници – 200 грама шеќер, 200 мл слатка хопла, 1 лажица екстракт од ванила, по желба – прстофат морска сол, 6 крушки.

Подготовка – Ставете го шеќерот во подлабоко тенџерче и загревајте го мешајќи се додека не почне да се топи. Почекајте целиот шеќер убаво да се растопи и да добие темно-златна боја. Внимавајте да не го препржите шеќерот затоа што тогаш ќе добие горчлив вкус.

Хоплата (да не биде ладна, туку на собна температура) додадете ја во растопениот шеќер. Внимавајте затоа што ќе прска. Ако ви се причини дека сте „утнале“ зашто во овој миг шеќерот се претворил во камен – не се разочарувајте и продолжете да го загревате на средна температура додека шеќерот повторно не се растопи во хоплата. Продолжете да варите на средна температура, постојано мешајќи, додека целиот карамелизиран шеќер не се растопи и соедини со хоплата и додека стане кремаста смеса.

Готовиот карамел претурете го во друг сад и додадете прстофат морска сол и екстракт од ванила. Добро измешајте уште еднаш.

Измиените крушки (може да бидат и излупени но не мора), натопете ги една по една во карамелот и сервирајте ги во посебни чинии за десерт. Оставете карамелот да се исуши на нив, па дури потоа сервирајте.

x

Check Also

Домашен сладолед од банана и путер од кикиритки

Се подготвува брзо, не треба да сте вешти во кујната, а задоволството ...