Со новиот часовник на Шанел ќе заборавите на Епл часовникот

Толку многу се пишуваше како супермодерниот Епл часовник ќе ги помести стандардите, што речиси и заборавивме дека вистинската убавина на часовниците е во традицијата, во рачната изработка, во детаљите. И еве, Шанел не потсетува на тоа.

Шанел е повторно во центарот на вниманието, овојпат благодарение на новата колекција наречена Mademoiselle Privé, карактеристична по елегантноста и рачно изработените иновации. Детаљите на часовникот се инспирирани од старите париски везови на студиото Мезон Лесаж, а исклучителната колекција беше претставена неделава на Базелворд 2015 во Швајцарија.

„Речиси цел еден век Мезон Лесаж произведуваше везови за сите најголеми имиња во модниот свет. Ова е прв пат овие везови да се аплицираат на часовник“, велат од Шанел.

Со користење на специфична сликарска техника, обоена свила и минијатурни бисери кои се извезени на свилата, Шанел ги создаде новите часовници кои се вистинско ремек дело.

Луксузната едиција во духот на Шанел е разубавена со апликација на 18-картно бело злато и дијамантчиња. Часовниците Мадмоазел од лимитираната едиција чинат од 55.000 евра па нагоре.

 

x

Check Also

Направете сами весели алки за ова лето

Наместо да купувате, направете си сами весели алки за ова лето. Еден ...