Со перформансот „Скопје-Варшава… со љубов виа Малих“ беше отворена програмата на полски документарни филмови

Со перформансот „Скопје-Варшава… со љубов виа Малух“ според концептот на Владан Царичиќ – Цар во реализација на балерината Ивана Коцевска заедно со двете генерации „докуникулци“ на „МакеДокс“ на 17 август во Куршумли-ан, со филмот „Над возможното“ (Полска, Германија, Финска) на Марта Прус, беше отворена програмата на земјата во фокус – Полска. „Пегличката“ (Фиат 126, или Малух), која годинава е еден од заштитните знаци на „МакеДокс“, веќе е претставена пред публиката и отворена за пиктографски пораки кои со љубов и пријателство ќе бидат испратени во Варшава, Полска.

Платото пред Куршумли ан

По завршената мисија, „Пегличката“ ќе му биде подарена на Музејот на современата уметност во Скопје, кој е изграден по проект на полски архитекти и претставува најмаркантен знак на полско-македонското пријателство.

Веднаш по проекцијата на филмот „Над возможното“, режисерката Марта Прус одговараше на прашања од публиката, а меѓу другото објасни дека правејќи филм за врвната руска гимнастичарка Маргарита Мамун не сакала „да прикаже спортист кој стигнува до врвот на кариерата со победа на Олимпијада, туку човек со емоции“.

„Победата е кратка, но патот до неа е долг“, нагласи Прус, која учествува и на разговорите „Под смоквата“ на 18 август.

Почетокот на програмата на замјата во фокус – Полска предизвика голема побарувачка за билети и создаде долга редица пред Куршумли-ан, а мал дел од публиката беше пренасочуван кон проекциите на следните филмови од програмата на „МакеДокс 9“.

Голем интерес предизвикаа и полските филмови „Сестри“ (Полска, 2017, 20 мин.) на Михал Хитрош и „Опера за Полска“ (Полска, 2017, 41 мин.) на минатогодишниот добитник на наградата „Кромид“ на „МакеДокс“ за филмот „21хЊујорк“ – Пјотр Стасик.

На втората вечер на „МакеДос 9“ беа прикажани и филмовите „Земја на жени“ на Алијаксеј Палујан, „Кога свињите доаѓаат“ на Билјана Тудоров, „Помеѓу кадри“ на Алексеј Дмитриев и „Пофалба на ништото“ на Борис Митиќ. Тудорова, Дмитриев и Митиќ, исто така, учествуваат на разговорот „Под смоквата“ на 18 август.

На 18 август, со заедничкиот пикник со „Синестетика“, на кој млади уметници ги продаваат своите ракотворби, почнa Студентската програма, додека во ноќните часови, по завршувањето на проекциите на филмовите, во Куршумли-ан концерт ќе одржат „Well Known Dogs“, бенд во кој членуваат Јордан Костов на хармоника, Фенг Хао на тапани и Иван Бејков на бас.

Деветтото издание на „МакеДокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на РМ, Програмата МЕДИА на Креативна Европа, Фондацијата за развој на демократијата од Вашингтон (National Endowment for Democracy) и Град Скопје.

Партнери на „МакеДокс“ се „Петра Пан“, „Кино Култура“, Младинскиот културен центар и Кинотеката на Македонија.

Медиумски покровители на „МакеДокс 9“ се МТВ – Прв програмски сервис, Телевизија 24, Слободен печат, Нова Македонија, Канал 103, Радио Антена5, Радио ЏезФМ, Радио МОФ, Радио Бубамара, Лајф Радио, Плус Инфо, МКД.мк, СДК.мк, Окно, Репер, Е-магазин, Его, Плагиј.ат, Лице в лице, Реборн, Види Вака, Пиреј.мк и ПопАп.

x

Check Also

Државна Лотарија го додели првиот МИНИ од инстант лозот МИНИ и МАКСИ

Најновиот инстант лоз на Државна лотарија на Македонија наречен МИНИ и МАКСИ ...