Со поддршка од ЕУ пуштена во употреба нова пречистителна станица во Радовиш со капацитет за 25.000 жители

Започна со работа новата пречистителна станица за третман на отпадни води во Радовиш. Покрај новата пречистителна станица за третман на отпадни води, ревитализирана и проширена е примарната канализациона мрежа во општината Радовиш, со што се решава проблемот со отпадните води, се подигнуваат стандардите за заштита на животната средина, а се намалува и надземното и подземното загадување. Во рамките на проектот се изградени и колектори и нов пристапен пат. Пречистителната станица во Радовиш е со инсталиран капацитет за 25.000 жители.

Почетокот на работењето на новата пречистителна станица во Радовиш е од големо значење бидејќи преку овој проект се подигнуваат стандардите за третманот на води, согласно ЕУ директивите. На свеченото отворање претседателот на Владата Зоран Заев истакна:

Ова е мал но многу значаен чекор кон достигнување на европските стандарди за здрава и чиста животна средина и квалитетен живот. Тоа е промената што ја очекуваа нашите граѓани, а којашто веќе се случува. Низ взаемна соработка на институциите и нашите партнери и поддржувачи од ЕУ, но и преку вклученоста на граѓаните кои придонесуваат за заштита и унапредување на квалитетот на местата во кои живееме, ќе ги достигнеме стандардите и побрзо ќе изградиме држава според европски правила. Нашата земја ќе продолжи да учи и применува искуства од европските земји во управување со ваков тип на врвни технологии. Нејзината интеграција кон ЕУ значи дека ја носиме во Европа, но ваквите иницијативи се јасен пример со којшто Европа ја носиме тука, дома, низ убавите градови на нашата земја.

Вкупната вредност на проектот изнесува 6 милиони евра, а средствата се обезбедени од Европската Унија со контрибуција на Владата преку Инструментот за претпристапна помош (ИПА), од делот за регионален развој, компонента три.

На отворањето се обрати и шефот на Делегацијата на Европската Унија, амбасадорот Самуел Жбогар.

„Заштитата на животната средина и создавањето услови за поквалитетен живот и одржлив развој е една од главните определби на ЕУ во поддршката што ја дава на различни проекти во земјава. Овој проект е дел од активностите финансирани од ЕУ, а паралелно, заедно со државата, работиме на реформи во секторот води, за да се обезбеди заштита на природните ресурси и одржливо водоснабдување за сите граѓани. Ние остануваме партнер на државата и ќе продолжиме да поддржуваме проекти во интерес на граѓаните“, подвлече Жбогар.

Реализацијата на проектот е во соработка со Секторот за ЕУ при Министерството за животна средина и просторно планирање и Секторот за централно финансирање и склучување на договори при Министерството за финансии. Министерот за финансии Драган Тевдовски изрази благодарност за искажанaта доверба од Делегацијата на ЕУ за управувањето со програми финансирани од ЕУ. Министерот за животна средина и просторно планирање, Садула Дураки, се заблагодари за поддршката од ЕУ за проекти поврзани со заштита на животната средина, потенцирајќи го значењето на проектите од ваков вид за зачувување на прородните ресурси, како што е водата.

Пречистителната станица за отпадни води во Радовиш ја реализираше компанијата WTE Group, која е во сопственост на ЕВН Групацијата.

„Навистина огромно е задоволството што токму нашата групација работи на реализација на вакви значајни проекти за граѓаните, но и за заедницата во целина. Го имплементиравме тука нашето големо искуство во оваа област, стекнато во повеќе земји во ЕУ и убедени сме дека за граѓаните од Радовиш овој проект ќе значи поквалитетен живот. Искрено се надевам дека ќе имаме уште многу вакви можности, каде што со нашата експертиза ќе можеме да дадеме поддршка на развојот“, истакна Вернер Казагранде, член на Извршниот одбор на WTE Group.

WTE Group е водечка компанија за снабдување со вода и третман на отпадни води на пазарот во ЕУ,  присутна со проекти од оваа област во 18 европски земји.

За значењето на Пречисителната станица во Радовиш за локалните жители зборуваше и градоначалникот на општината Радовиш, Герасим Конзулов.

„Со овој проект решен е еден голем проблем во општината на долг рок. Освен еколошкиот аспект кој е многу значаен, за граѓаните од големо значење е и ревитализацијата и проширувањето на примарната канализациона мрежа, со што во голема мерка е подобрен и квалитетот на живот на граѓаните“, истакна Конзулов.

Изградбата на Пречистителната станица во Радовиш започна во 2016 година, а целосната изградба заврши за две години. Ова е трета Пречистителна станица изградена од WTE Group. Првата пречистителна станица лоцирана во с. Сачево, Струмица, беше пуштена во употреба кон крајот на 2017 година, а втората лоцирана во Кичево, беше пуштена во употреба минатиот месец. Вкупната вредност на овие објекти изнесува 21 милион евра.

x

Check Also

Виталиа повторно добитник на престижната награда за квалитет –  QUDAL

Македонската водечка компанија за здрава храна Виталиа повторно се закити со престижната ...