Савил роу, спиритуален дом на кроењето по мерка

Постои ли друга улица во светот каде што се спојуваат историјата и мистичноста на машкиот стил и, освен тоа, да е и динамична и луксузна како улицата Савил роу во Лондон. Веројатно, не постои.

savil 6

Духовниот дом на кроењето по мера веќе два века е единственото место на планетава каде што може да се видат личностите што нешто значат во светот, независно дали тоа е политичка или филмска ѕвезда или пак некоја модна икона.

Споменувана во многу песни и филмови, лондонската улица Савил роу уште од 1800-те години станува рај за мажите со најпрефинет вкус, кои сакаат уникатен костум за себе, и тоа скроен по мера. Иако овие костуми се поскапи од оние брендираните на познатите модни креатори, за првиве нема криза. И во светската рецесија Савил роу е мит што расте.

На оваа улица може да налетате на војводата од Девоншир, како оди по источната страна на улицата на проба кај својот кројач, или пак на Пит Доерти, кој тука го соши својот прв елегантен костум.

savil 1

Со исклучок на извесни авении во Тајланд, Савил роу е уникатна како улица што му е посветена само на еден занает. Злобните јазици, вклучувајќи и некои од италијанските модни икони, како на пример Џорџо Армани, кои сметаа и изјавуваа дека оваа улица е само болна оставнина што го има изгубено својот сјај за контињата од овој век, веќе се наоѓаат во состојба на шок.

Не само што оваа улица ужива нова ренесанса, туку во една естетска смисла, која е водена од познати личности, повторно станува место на иконските клиенти. И, се разбира, им служи на култот на познатите, тивко, од заднината, уште од 19 век.

Богатите клиенти денес бараат приватност

Можеби вистинската тајна за успехот на оваа улица не е само во прецизно изработените костуми по мера, туку и во целосната дискретност. Многумина погодуваат дека тоа што за Савил роу нема криза дури и за време на светската рецесија се должи на желбата на богатите клиенти да останат „заштитени“, да не се знае каде и колку ја платиле својата гардероба. Накратко, тие и понатаму да трошат, но тоа овојпат да го прават потивко, речиси молкум. Иако за самиот „молк“ плаќаат и двојно.

savil 3

Сепак, факт е дека ниту еден од овие кројачи нема да ви каже кои биле и кои се денес негови клиенти.

„Па, не знам…“, би ви одговориле тие со љубезен глас. „Можеби Винсон Черчил ви е доволен? Или Наполеон?“
Листата на клиенти е мошне долга и изобилува со звучни имиња. Пикасо, лејди Дајана, Мадона, Џон Ленон, Френк Синатра, Рудолф Валентино, тајните агенти од филмовите 007, па сѐ до модните икони Коко Шанел, Живанши, Валентино, Келвин Клајн, Стела Меккартни – сите тие се облекувале по мерата на Савил роу. Но тешко дека ќе дознаете кој се облекува денес.

И додека оваа улица тивко ја покажува својата вештина, во модниот свет околу неа беснеат дебатите за дефинирање на луксузот во контекст на глобалните брендови. Вистинскиот луксуз, или квалитет, сепак е во типичните семејно поседувани компании, кои даваат дискретна лична услуга и произведуваат костуми сошиени според суптилните индивидуални желби на секој поединечен клиент.

savil 4

Нека е поскапо, ама да не е звучен бренд

Ренесансата на Савил роу не остана незабележана во модниот свет. Нељубезните изјави на Џорџо Армани во текот на минатата година за оваа улица беа со сомнителен карактер, кога тој самиот ја лансираше сопствената линија на костуми по мера „фато а мано“. Ѕења, пак, кој веќе одамна има концепт на шиење по мера, симпатично изјави дека англискиот Савил роу ги воспостави стандардите за начинот на кој мажот со стил се облекува и во 19 и во 20 век, но и во новиот век.

Без сомнеж, токму со улицата Савил роу англискиот стил стана симбол на елегантно облечен маж. И ова влијание не бледнее ни во денешното, полежерно секојдневие. Некои, пак, од кројачите од оваа улица покажаа дека се одлични и во колекциите „спремни-за-носење“ на модните недели во Милано, Париз и Њујорк. Додека големите модни имиња сѐ повнимателно се присутни на истите модни недели зборувајќи дека се соочени со криза. Се разбира, денес високата мода е фантастичен креатор на загуби, но од друга страна пак, костумот за шампањ-пригода стана вистински демократски луксузен производ. Еден костум со етикета од познатите модни икони на италијанската висока мода лесно може да ја надмине цената од три илјади евра, додека оној скроен на Савил роу може да биде и за 2 илјади евра поскап. Сепак, за џентлмените ова е прилично разумна понуда – добиваат комплетна приватност и добиваат костум сошиен само за една индивидуа, на ексклузивна база.

savil 9

Костум сошиен по мерка на Савил Роу е далеку поскап од брендиран костум

Еден костум обично се шие за 52 часа, а неопходни се три месеци од нарачката до испораката. Секоја евентуална тензија помеѓу индивидуалниот стил на кројачот и клиентот ќе мора да биде лесно надмината. Финалниот резултат е костум што е имиџ за мажот што го носи, но истовремено и за куќата од која излегува тој костум.

savil 7

Многу филмски костуми излегле токму од оваа улица. Но и многу нови модни движења. Класичните костуми со бели панталони сошиени од куќата „Натерс“ ги облекоа и Џон Ленон и Јоко Оно, и Мик Џегер и Бјанка, па и Твиги.

savil 8 son koneri
Оттука излегоа и дузина елегантни костуми за сите агенти од филмовите „Џемс Бонд“, токму оттука е излезен и полноќниот тегет смокинг за кралот Едвард Седми, а Кери Грант во 1959 година го облече сивиот дводелен костум што стана легенда, во филмот „Север – Северозапад“.

savil 5

Денес многумина сметаат дека митот што ја обиколува оваа улица е вознемирувачки. Само за смелите, сепак, останува непроменета љубовната афера, која може да заврши и со банкрот.

Јасмина Кантарџиева

x

Check Also

Први тротинети и велосипеди за најактивните корисници на апликацијата HalkEco  

  Апликацијата HalkEco на Халкбанк  со која се стимулира пешачењето, трчањето, возењето ...