„ТАФТАЛИЏЕ ШАФЛ“ е албум со среќна музика во време на пандемија

Новиот албум на Влатко Стефановски беше претставен во „Литература.мк Суперстор“ како дел од новогодишниот онлајн настан на „Арс Ламина“ и „Литература.мк“.

Како дел од вчерашниот онлајн новогодишен настан на „Арс Ламина“ и „Литература.мк“, беше претставен и новиот албум на Влатко Стефановски – „Тафталиџе шафл“. Разговорот го водеше музичката новинарка Бранка Костиќ-Марковиќ, а покрај интервјуто беше прикажан и видео-спотот на песната „Огледало“ која се наоѓа на албумот.

– Сакам да сум полежерен одошто сум и да сум порелаксиран одошто сум. Музиката што ја направив заедно со соработниците сакав да звучи опуштено со оглед дека сите сме под притисок од секојдневниот стрес од информациите што нè напаѓаат и електронските играчки коишто се преполни со шокантни вести. Најмногу уживам кога ќе пуштам некоја плоча, што често го правам, за да се исклучам и да се навратам кон некои помирни времиња – изјави гитарскиот виртуоз Влатко Стефановски за албумот „Тафталиџе шафл“ („Taftalidze shuffle“).

Се работи за весело и романтично музичко издание со 9 нумери. Учествуваат и Никола Ристановски, Диран Тавитјан, Кирил Џајковски, кои го дадоа својот придонес и печат на албумот. Стефановски, откако го смислил насловот веќе немало сопки и паузи во неговото создавање.

– Тафталиџе како населба е фанк-населба и секаде околу мене имаше некој од мојата генерација кој страсно собираше плочи и тој фанк или лајт џез преовладуваше. Тафталиџе во шеесеттите и седумдесеттите години живееше една убава средна класа и тој лајт џез и фанк едноставно прилега на населбата – изјави Стефановски.

Како што оцени новинарката Костиќ-Марковиќ, ова е еден вид омаж на младоста кој, пак, брзо бил креиран, а омотот е на Ладислав Цветковски. Издавач е „Кроација рекордс“ и придружниот вокал е Андријана Јаневска. Воедно, на настанот беше промовиран и спотот за песната „Огледало“ која е дел од овој нов албум.

Покрај интервјуто со Стефановски, во рамките на настанот можеа да се погледнат и настапот на македонскиот бенд „Фанк шуи“, разговори со многу писатели чии изданија се најзастапени во книжарниците „Литература.мк“, како и кратко интервју со Дарко Фиданоски, еден од сопствениците на „Арс Ламина“.

Севкупниот настан е исто така достапен на интернет (на фејсбук-страниците на „Арс Ламина“ и „Литература.мк“ како и на профилот на „Литература.мк“ на интернет-сервисот „Јутјуб“), каде што може да се погледне настапот на бендот „Фанк шуи“, како и кратките видео-разговори со дел од писателите на „Арс Ламина“, меѓу кои и Неле Карајлиќ, Славимир Футро, Васко Тодоров, Јана Мишо, Моџо Килингтон и Давор Панчевски.

x

Check Also

Меган Маркл пак ги разгневи „хејтерите“ со модниот изглед „тежок “ околу 326 илјади долари

Меган Маркл сè уште е во центарот на вниманието на „хејтерите“. Овој ...