Икона на стилот: Тамара де Лемпицка, ја интригираше јавноста исто колку и Фицџералдовиот „Гетсби“

Беше првата уметница што достигна титула на вистинска гламурна ѕвезда меѓу двете војни.tamara 0
Бурниот живот на Тамара де Лемпицка почнува на 18-годишна возраст, кога бегајќи од дома во знак на протест поради новиот брак на мајка си, се мажи за грофот Тадеуш Лемпицки. Но руската револуција им го менува животот од корен. Тадеуш е уапсен и дури после неколку недели, со помош на шведскиот амбасадор, Тамара успева да го извлече од затвор. Тамара и Тадеуш се селат во Данска, па оотаму во Париз, град во кој Тадеуш не може да најде вработување. Наскоро добиваат ќерка Кизет, а Тамара зема часови по сликање со цел преку сликите да заработи нешто за живот. На почетокот слика мртва природа, портрети од Кизет и од сосетката Ира, а во времето кога Париз станува престолнина на уметничкиот живот, Тамара станува портретист на монденскиот живот.
tamara 3
Тамара де Лемпицка има насликано над 100 портрети од припадниците на високото друштво, истовремено дружејќи се со Пикасо, Кокто, Жид, станувајќи дел од боемскиот Париз, влегувајќи во бројни љубовни врски, проследени со скандали. Нејзиниот стил станува единствен, уникатен, неповторлив, а јавноста ја интригирала исто колку и Фицџералдовиот „Гетсби“, Грета Гарбо, Коко Шанел, кои и биле современички.

славниот портрет во „бугати“

Славниот портрет во „Бугати“

Славниот автопортрет од 1925 на кој себеси се претставува во зелено „бугати“ симболизира имиџ на модерна и еманципирана жена што живее слободно, не грижејќи се многу за моралните правила. Гламурозната убавица, исто како што на портретот управува и „владее“ со славното име „бугати”, зад кое стои сила и моќ, „владеела“ и со секој славен и моќен маж кој ќе го запознае. Нејзиниот сопруг пак, уморен од сите тие скандали и афери, ќе ја остави во 1928 година.

tamara 1
Сепак, тоа што ќе остане како една посебна приказна од животот на Тамара де Лемпицка е средбата со тогаш многу популарниот поет Габриеле Д’Анунцио, кој ќе ја повика да му наслика портрет, имајќи во план од Тамара да направи уште една од своите љубовници. Тамара два пати го посетува во славната вила Виториале, за да го наслика, сметајќи дека во тој миг портретот на тогаш најпопуларниот поет и денди би одекнал во високите кругови како незапаметен успех. Габриеле Д’Анунцио имаше нешто друго за Тамара во план. Но, ниту неговиот ниту нејзиниот план се остварува, па така Тамара си оди без портрет, а Д’Анунцио останува без афера.
tamara 5
Веднаш по разделбата од првиот сопруг, Тамара се запознава со баронот Куфнер и станува една од неговите љубовници. Купува голем апартман во Париз и првпат патува во САД. Во текот на годината на големата депресија продолжува да работи и изложува во париските галерии. Баронот Куфнер и нуди брак во 1933, кој таа го прифаќа, а тој се обидува да ја извлече од нејзиниот боемски живот и опкружувања, осигурувајќи и место во високите кругови кои и биле слабост. Во 1939 парот заминува за САД, по повод една изложба на Тамара и остануваат на Беверли Хилс. Две години подоцна и Кизет им се придружува на мајка си и очувот, во Америка. Се преселуваат во Њујорк, иако Лемпицка продолжува да се дружи со луѓе од високото друштво, нејзината популарност како сликар веќе опаѓа.
tamara 6
По војната често патува во Европа, посетувајќи ги модерните бањи. Продолжува еден период да слика во својот препознатлив стил, иако менува теми преминувајќи дури и на апстрактност. Во тоа време го присвојува и новиот начин на сликање со помош на сликарски нож бзе употреба на четкичка. Но, новите слики не се најдобро примени, кога ќе ги изложи во 1962, па одлучува веќе никогаш да не изложува и да се повлече од активниот живот. Сепак, продолжува да слика, понекогаш повторувајќи ги деталите од старите слики.
tamara 2
По смртта на баронот Куфнер во 1961, Тамара продава речиси сè што има и тргнува на трикратно патување околу светот со брод. Потоа се сели во Тексас за да биде близу Кизет и семејството. Кизет станува менаџер и секретарка на Тамара, но тешко го поднесува однесувањето на мајка си и навиката да доминира со целото семејство.

Последните две години од животот, Тамара ги поминува во Куарнавака, Мексико. Повеќе пати го менува својот тестамент, за што повеќе да го контролира своето семејство. Кога мажот на Кизет умира, таа ја посетува сега веќе сериозно болната мајка во Мексико и останува со неа сè до смртта на Тамара, која умира во сон (на 18 март 1980). По желба на Тамара де Лемпицка нејзината пепел е фрлена над кратерот на вулканот Попокатепетл.
tamara 4
До денес, нејзините слики, особено изразените арт деко-портрети, уште на прв поглед нè асоцираат на она прекрасно време на џезот, кемпот и секако декадентниот сјај на високото друштво.

Сузана Спасиќ

x

Check Also

Розовото палто на Џеки Кенеди

Ни 50 години по смртта на американскиот претседател Џон Кенеди приказните не ...