Тој суптилен, шармантен поет со многу стил, Блаже Конески

Во чест на неговиот роденден.

Роден на 19 декември 1921 година, во прилепското село Небрегово, овој поет, прозаист, есеист, вонсериски лингвист, втемелувач и еден од најзначајните протагонисти на кодификацијата на македонскиот јазик и професор (студентите го обожаваа, беше познат по тоа што многу внимателно и посветено ги читаше туѓите текстови), и покрај толку звучната биографија, остана познат како скромен и тивок човек.

Шармантен, опуштен, духовит и досетлив се смееше гласно, освојувајќи го друштвото со луцидни досетки. Сметаше дека на поетот му е задача да зборува и да дејствува пред колективот, дека самата поезија е комплициран процес, кој вклучува– традиција, колектив и авторот. И ги употребуваше сите овие „три нешта“ за да создаде волшебна поезија со помош на својот чувствителен дух.

Песната се открива како плод на атмосферата и духот на времето, па така секоја песна го има и својот миг и својот поет. А поетот, како што вели Конески, ги бере песните од дрвото на животот.

Конески тоа го правеше со многу, многу, стил.

И наместо „Везилка“, уште неколку прикладни зборови, вистинити, топли и искрени докрај.

Разговор

Јас замислувам разговор со тебе,

Некакво правдање,
Некакво објаснување.
Јас смислувам прикладни зборови,
Вистинити,
Топли,
Искрени докрај.
Можеби јас би ти кажал
Во тој дијалог
Дека, и покрај сето,
Ти си повлекла виножито
Над мојот живот,
Дека ти си ме вклопила во некаква неповторлива целост,
Така што се’ добило своја смисла,
Како само по себе да се создало чудо.
Можеби малцина, а можеби и никој
Не се измислил така себе си
Како што сме се измислиле ние двајцата.
Па сепак, и покрај тој голем подем
По гест и збор,
На крајот заклучувам
Дека е подобро да не дојде воопшто до тој разговор.

Починка

Есенва е мирна, просветлена сета.
Човек сака негде далеку да шета.
Убавино, ти ме заморуваш веќе.

Сè ќе минам кое со возбуда мами.
Има такви места каде што сме сами.
Убавино, ти ме заморуваш веќе.

Смирноста е мудра, страсноста е глупа.
Ќе седнам во паркот на некоја клупа.
Убавино, ти ме заморуваш веќе.

И долго ќе седам, со цигара во рака.
Вечерта што иде ќе ја чекам така.
Убавино, ти ме заморуваш веќе.

Молитва

Спаси ме Боже, од болните луѓе
што се накажани,
та не се криви,
нивната злоба умерено суди ја,
самите од неа одвај се живи.

Тие се мислат повикани да водат
како Мојсија и другите пророци
а самите не можат да се ослободат
и влечат по себе ситни пороци.

Дај Господе, што помалку очите да
им ги бодам –
штом тие лево ќе фатат,
јас десно да одам.

x

Check Also

Погледнете го новиот дом на Хари и Меган во Ванкувер

Прекрасниот нов дом на Хари и Меган има 640 квадратни метри, добро ...