Толку е богат што не може да живее без него!

Тој не може да живее без неа зашто го слуша, зашто е премлада, зашто се радува на секое парфемче, на секој пар чевличиња…Таа не може да живее без него зашто без него нема да мириса така убаво, нема да се облекува толку убаво…А можеби и би можела да живее без него, ама веќе не сака да живее без таквите! Веќе не сака да се мува со типчињата кои немаат вода во очи, кои освен љубов, немаат што да и понудат. За среќа, многумина, навистина многумина, ќе се препознаат во овој текст.

ilustracija 22

Тој е позната скопска фаца. Држи неколку бизниси во рака, да – добростоечки маж е, на возраст од околу 45,6 или 47 години, изгледа како за 60-тина по стомакот кој му надвиснува над ременот. А и видот, сигурно му е веќе доста ослабнат. Но, не носи очила, само за да не делува стерилно, онака-многу интелектуално. Кој уште сака интелектуалци во овие времиња? На овие простори?! И која уште лична карта се зема за сериозна? Дата на раѓање, единствен матичен број, рок на важење, регистарски број покус од матичниот, датум на издавање, потпис и – адреса на стан! Освен последново, ништо претходно и не е важно. Нејзе не и е важно. Таа е преубава и премлада. Можеби има 16, 17 или 18 години. Изгледа како за 25. Видот и е во совршена состојба, впрочем, исто како и телото. Го стега цврсто за левата рака. На десната, тој носи бурма. Во паричникот, кој многу често го отвора и затвора, покрај кредитните картички чува и фотографија од неговото семејство. Убавата сопруга, во некои помлади денови, и двете 2-3 годишни деца кои денес имаат накај пет-шеснаесет години. Безрезервно им се дал. Безрезервно ги обезбедил. Безрезервно бил отсутен од домот. Кај и да е, вели, тие ќе пораснат и ќе сфатат дека татко им бил вистински шизик, бил главна фаца, бил човек со кого можат да се гордеат! Татко им, кој ги чува во паричникот, кој ги гледа секогаш кога ќе го отвори паричникот.

„Јас би јадела јастог и може од онаа свежата салата со моцарела“, му вели таа, зјапајќи час во менито, час во новите чевличиња со две лакирани ременчиња од страната, купени веројатно на „Цимитцки“ за нешто помалку од 200 евра. Во меѓувреме, тој и ги раскажува најневеројатните приказни што таа никогаш и немала прилика да ги чуе, подвлечени со „строго доверливо“. Нормално, раскажува во серии, зашто секогаш кога следува најинтересното – му ѕвони телефончето. Таа сега зјапа во неговото телефонче. Потоа, ја отвора евтината чанта од која го извлекува нејзиниот мобилен, за секој случај проверува да не има некој „изгубен“ повик. Истото го прави при секое е-пе-пе од серијата.

„Дај смени го веќе тоа телефончиште!“, џентлменски прави мала дигресија. Таа е пак на готовс да почне, лелеееее колку го сакам оној најновиот Ајфон, кога ѕвони светка целиот, може да биде и со штрасови, со што ли е…

„Оди земи го утре, јас ќе поминам да го платам. Или нека ти го тргнат настрана кажи им, избери го да не ти го згрешам.“

Таа е веќе многу порасположена. Задоволно ја префрла косата на другата страна на патецот, дувнува во предниот прамен и задоволно изустува – види како блешти од оној Лореалот! Тој се согласува дека нејзината коса е најубавото нешто што го видел во животот. Таа се извинува што мора да го посети тоалетот. Оттаму, испраќа два ес-ем-еса, првиот со „сабџект“ – човеков е срце, го имам Ајфонот! Вториот, адресиран до само таа знае кој, со порака – „не можам да живеам без тебе!“. Потоа се враќа назад на масата. Јастогот е веќе распослан, со сите пропратни пикантерии. Но, пред да седне, таа го бакнува нежно во образот, искрено прошепнувајќи – „навистина не можам да живеам без тебе!“

Сега и тој е задоволен. Тој знае дека таа е сериозна кога ова му го кажува, а деновиве ова му го кажува се почесто. Во мигот решава да ја доосвои, да ја дозбудали, да ја доуништи.

„Што не дојдеш викендов со мене до Солун, ќе удриме еден добар шопинг. Само да го видиш хотелон, лудница е, со џакузи, со масажи, со фитнес и теретана, ќе те тинтраат ко кралица!“

Таа го губи апетитот задлабочена во штотуку паднатиот предлог. И веќе е пренесена во Солун, со ќесите во раце, се одмора со чашка шампањско…како кралица!

„Ти си навистина едно големо срце!“, вреснува од среќа. Потоа, малку се замислува и храбро го прашува – „Ме сакаш?“

-А кој може тебе да не те сака злато!, и објаснува тој оставајќи ситниш на келнерот.

Заедно влегуваат во големиот автомобил, паркиран, поткачен на тротоарот пред влезот на ресторанот. Тој повторно зборува на мобилниот, а таа повторно ги проверува случајно испуштените повици. Има само една порака, од нејзината пријателка, со „сабџект“:  блазе си ти, оној мојон не мрдна од кошулчено!

Оваа и одговарa: Одиме во Солун.

Испуштени повици нема.

Нема ни одговор на она „не можам да живеам без тебе!“.

 

Ј.К.

Воведникот е вовед во активностите на нашата хуманитарна акција Концепт, на која една од мисиите е да ја спречи епидемијата на „спонзори и спонзоруши“ која ја шират парајлиите, бизнисмените и угледните граѓани на оваа ценета земја. Во името на љубовта, и почитување на вистинските вредности, ги молиме истите да ја поддржат нашата акција, само доколку добро им мислат на нивните сакани девојченца. Парите од оваа акција ќе бидат повторно доделени на ангажираните девојчиња, но со назнака: пари за образование, а не за парфем!

x

Check Also

Како ја замислувате модата на доцниот 21 век?

Изгледа дека прогресот во модниот свет е побрз од нашите очекувања. Побрз ...