Трет ден на Моден Викенд Скопје: Фузија на традиција и футуризам, студентска колекција од отпад и шарена пролет со потпис на Сара Реџиќ

Со ревиските претставувања на дизајнери од земјата и регионот, како еколошки освестениот проект на студентите од Технолошко-металуршкиот факултет, програмата на настанот ја доживеа својата кулминација.

ТМФ

Заврши тридневната прослава на модата, дизајнот и визуелната уметност, што во рамки на програмата на деветнаесетото издание на Моден Викенд Скопје се одвиваше во зградата на Европскиот унивезитет.Ниту последниот ден не помина без изненадувања за домашните и странските посетители на настанот.

Први во ревискиот дел се претставија студентите од ТМФ. Во соработка со текстилниот кластер и под менторство на професорката Лидија Георгиева, тие работеа на проект РЕЦИКЛИРАЊЕ кој се занимава со проблематиката на сочувување на животната средина. Оттука потекнува инспирацијата за оваа ревија наречена „РЕИНКАРНАЦИЈА“.

Марко Фехер

Многубројната публика воодушевено ги поздрави и креациите на босанскиот талентиран дизајнер Марко Фехер, кој и овојпат ги помести границите, прикажувајќи единствен спој на на традицијата и футуризмот, односно уличната и високата мода. Колекцијата „KOZARA ETHNO FUSION“н а сосема нов начин покажува дека карактеристичните елементи на народната носија се и денес носливи на градските улици.

Марко Фехер

Она што везот бил во минатото, сега е принтот. Колоритот е ограничен – црната, белата и црвената се испреплетуваат и вo машката и во женската колекција, додека нагласените рамена, предименизинираните парчиња, по малку футуристичките здолништа и интересните јакни на копчање ѝ даваат на целата приказна ултра модерна нота.

Српскиот дизајнер Милан Зејак, пак, во колекцијата за есен-зима 2019 година, го развива интересoт за правоаголните форми и како тие може да ги сменат заоблените кроеви во класичните елементи на шиењето. Резултот се волуменозни, драпирани и повремено лелеави современи парчиња, со реминисценција на традиционалната јапонска облека, како и западната „флапер“ ера во 20-тите години на минатиот век.

Милан Зејак

Милан Зејак

Честа да го затвори настанот ѝ припадна на македонската дизајнерка Сара Реџиќ. Колекцијата „PURE LOVE“ е за сезоната пролет-лето и содржи дваесет и пет изгледи. Сите креации се изработени од природни материјали, а наменети се за секоја девојка и жена што ги сака веселите бои и шаренилото. Да ја обои пролетта со љубов и разиграни чувства, кои впрочем самата пролет ги буди во нас. Колекцијата е надополнета и со мини колекција на рачно изработени чевли во соработка со Катерина Микрут, пријателка и колешка на дизајнерката. 

Сара Реџиќ

Изминатите три дена нашата метропола беше горд домаќин на шоурумот „Обединета Мода“, собирајќи дваесет и осум интернационални дизајнери и брендови од седумнаесет земји на едно место. По успешните презентации во Бугарија, Австрија, Јужна Африка и Германија, изложбата на наградуваната платформа за концептуален дизајн ИВАН АСЕН 22 исто така ги воодушеви љубителите на модата и визуелната уметност.

За маркантната шминка на манекенките цело време се грижеше брендот Kryolan во соработка со школата за убавина Art, додека за прекрасните фризури беа заслужни производите од Rebeel Professional , како и вештите раце на докажаните професионалци: Bube Studio In, Cool Cut, Aнгела Танкоска, Охрид – Фризерско Студио SKILL и Станче Кипријанов. Официјален партнер и омилен избор за чевли на Моден Викенд Скопје останува Bellmondo Shoes.

*ФОТОГРАФИИ: AD Photography

x

Check Also

Поглед на колекцијата на Pal zileri за сезоната есен/зима 2019

Модната марка Pal zileri ја лансираше рекламната кампања за колекцијата есен/зима 2019. Зад ...