ТВ мода: Величење на нискоста

Телевизијата, како уште едно огледало на општеството во кое живееме, овојпат ја презеде улогата на макро во малата валкана игра на проституција на интимноста. А во таа игра, не треба да имаме никакви илузии, курви се сите гледачи.

golem brat 2 „Големиот брат“ повторно го освојува нашиот пазар. Стаса уште една потврда дека, со крупни чекори, газиме кон светлиот Запад составен од напредни и цивилизирани луѓе.

Тргнувајќи од куќата на „Операција Триумф“ па се’ до „Момент на вистината“ и „Големиот брат“, преку малите екрани и во нашите домови влезе веселата порнографија, воајеризам и садизам. Всушност, зошто да се „злопатиме“ со неизвесните обиди за влез во ЕУ, кога е многу полесно да се увезува западното ѓубре и декаденција.

Пропозициите се јасни и едноставни. Учесниците се сместени во една куќа и преку камерите и микрофоните кои се насекаде ја изложуваат својата разголена приватност пред очите на огромната публика, кои заедно со „жирито“ имаат улога и на џелати со гласање да се исфрла по еден натрпреварувач од куќата и емисијата. Последниот натпреварувач кој ќе ги преживее сите елиминации освен слава ќе добие и пари. А кога гладта за ветените пари станува толку трогателна, достојна е и за „литературна обработка“.

golem brat 3Според продуцентите на ваков тип на шоуа, парите се единствената реалност и единственото мерило, па се’ е потполно јасно. Се’ поради пари. Најпосле, поради пари и самите учесници во ова шоу ни ја нудат својата приватност и само поради пари продуцентите настојуваат на гледачите да им го украдат времето, вниманието, па и животите.

Целата замисла на ваквите телевизиски реални шоу-а е настаната пред се’ како потреба големите телевизиски станици да заштедат материјални средства (пари), односно со минимални вложувања да се извлече максимален профит и пополнување на програмските содржини. Природен брак од интерес меѓу егзибиционистите и воајерите. Или природен брак на мазохисти и садисти од кои овој вид на емисии ја црпат својата динамичност и смисла.

На се’ тоа, на продуцентите уште им оди во полза и се’ поголемата фасцинација од страна на учесниците, кои во име на таа слава и пари прифаќаат и своевидна таблоидизација на сопствените животи. Секако, за тоа им помагаат и останатите медиуми кои го третираат овој „проблем“.

Додуша, ако погледнеме од другата страна на екранот, во потрошувачкиот домен, ситуацијата е уште полоша и погрозна. Војаерската потреба да се ѕирне во приватноста на другите (за што сведочи и гледаноста на интернет сервисите на приватните секс-видео снимки), како и садистичкиот импулс од анонимниот конфорт да се ужива во гледањето на елиминациите, критиките и навредите од жирито, учеството во понижувањето и солзите на другите, се’ ова ни зборува дека живееме во длабоко пореметено општество и во една епоха на пореметувања и пореметени.

golemiot brat 1

Но, штом постои и побарувачка и понуда, посредникот кој ќе ги спои па уште и да заработи од тоа, лесно ќе се снајде! Телевизијата, како уште едно огледало на општеството во кое живееме, овојпат ја презеде улогата на макро во малата валкана игра на проституција на интимноста. А во таа игра, не треба да имаме никакви илузии, курви сме сите ние.

И за жал, порано или подоцна, многумина сами ќе си ја издвојат победата над себе. Порано или подоцна, многумина навистина ќе го засакаат Големиот брат.

Ангела Хорват        

x

Check Also

Кански филмски фестивал: Моделите на црвениот тепих

Освен глумците, на црвениот тепих на Канскиот филмски фествал се појавија бројни ...