ТВ-серијата „Зоки Поки“ продолжува да ја освојува Скандинавија

ТВ-серијата „Зоки Поки“ продолжува да ја освојува Скандинавија. По најавата за емитувањето во Шведска, пристига и најавата за емитување во Норвешка, на Норвешката национална телевизија „NRK“.

„NRK“ е јавен сервис, но и најгледаната телевизија во Норвешка. Од медиумот велат дека речиси секој жител на Норвешка користи барем еден од нивните сервиси во текот на денот. За „Зоки Поки“, тоа значи потенцијал за особено широка гледаност.

Претстојното емитување на „Зоки Поки“ во Шведска и Норвешка е од историско значење за македонската кинематографија. Досега, немало друга македонска серија и воопшто програма од овие простори што се емитувала во двете земји во Скандинавија.

Заслугата за емитувањето во овие две земји е на дистрибутерот „Videoplugger“ од Лондон, кои го препознаваа интернационалниот потенцијал на серијата.

„Кога Роберт Насков ни ја покажа оваа убава серија, веднаш знаевме дека треба да ја споделиме со светот. Квалитетот на фотографијата, глумата и приказните ѝ даваат филмски квалитет на серијата, што е реткост во детските програми снимани за телевизија. Емитувањето на ʻNRKʼ, сервис кој е светски познат за квалитетот на продукциите, е доказ за тоа дека бевме во право и дека ʻЗоки Покиʼ ќе продолжи да ги поминува меѓународните граници“, вели Emanuele Galloni, извршен директор на „Videoplugger“.

„Кога прв пат ја гледав ʻЗоки Покиʼ, бев прилично сигурен дека ова ќе биде соодветна серија за ʻNRKʼ. Приказните од Северна Македонија имаа универзален карактер и мислам дека децата од Норвешка ќе се поврзат со нив. Тие се топли и смешни, кастингот е одличен, а квалитетот на продукцијата е навистина добар“, вели Kåre Snipsøyr, директор за набавка на програма во „NRK“

„Многу сум возбуден што ʻЗоки Покиʼ ги задоволи високите скандинавски стандарди за детска програма. Ова е доказ за универзалноста на серијата и на темите кои ги обработува и кои се интересни за децата од целиот свет. Емитувањето на ʻЗоки Покиʼ на ʻNRKʼ е огромен успех за мојата продукција и за македонската кинематографија“, вели продуцентот Роберт Насков.

„Приказната за Зоки Поки има во себе еден заборавен свет на вредности кои во нашето детство беа секојдневие. Серијата зрачи со топлина и сигурност. Ме потсеќа на времето кога верувавме дека надворешниот свет е најсигурниот и најубавиот свет за секое дете“, додава режисерот Александар Поповски.

„Неизмерно многу сум горда и благодарна за препознавањето на квалитетот, но и за пошироката, меѓународна димензија што ʻЗоки Покиʼ ќе ја добие со ова емитување. За мене како режисерка е остварување на сонот што уште многу генерации на деца ќе растат со оваа серија“, вели Марија Апчевска.

Модерната екранизација на популарната детска книга на писателката Оливера Николова, е во продукција на Кино Око, во копродукција со Македонската радио телевизија и со финансиска поддршка од Агенцијата за филм на Македонија.

Главните улоги во серијата ги толкуваат Матеј Настевски (Зоки), Анастасија Аневска (Лидија), Матео Матоски (Боки) и Матеј Зимбаков (Гоки). Покрај детската екипа, во серијата играат и Сашко Коцев и Даниела Иваноска, кои ги глумат родителите на Зоки и Сабина Ајрула-Тозија, во улогата на неговата баба.

Режисери на серијата се Александар Поповски, Марија Апчевска, а режисери на епизодите Марија Апчевска, Александар Поповски, Даријан Пејовски и Радован Петровиќ. Сценаријата за серијата се на Сашо Кокаланов и Билјана Црвенковска.

Сите епизоди од првата сезона се достапни за гледање на официјалната веб-страница на серијата.

x

Check Also

Празничен шопинг: Во Carter`s & OshKosh! попустите се сè уште во тек

Почувствувајте ја магичноста на празничниот шопинг – израдувајте ги најмилите со ново ...