Убавината е минлива категорија. Стил, е тоа е веќе нешто!

Во облекувањето, во однесувањето и воопшто, во животот, велиме дека некој има стил кога прави нешто што му е својствено само нему, макар истото и не им се допаѓало на сите.

stil 1

Убавината е минлива категорија. А кога станува збор за минливоста, главно се мисли на две работи – на природниот процес на стареење и на критериумите за тоа што е воопшто убавина. Зашто, кога ќе видите, Клеопатра на пример, е една од најпосакуваните жени на сите времиња. Но, кога Британскиот музеј претстави десет до тогаш непознати слики на кралицата и кога нејзиниот лик беше  конечно откриен, се покажа дека Клеопатра била жена со просечен изглед, ниска, со лоши заби, ковчеста и со голем нос. Очигледно е дека, кога некои жени ќе станат икони на едно време, практично тие ја менуваат перцепцијата на своите современици за тоа што е убаво, па важноста на убавината честопати ја преземаат некои други квалитети кои совршенството го прават непотребно.

Во свое време, Оноре де Балзак, во еден свој роман, опишувајќи ги квалитетите на некојаси грофица Франсоаз тоа го прави во согласност со тогашниот канон за убавина – мали стапала, големи црни очи, бело заоблено деколте…Како десерт на веќе готовата слика на Франсоаз, Балзак не’ информира дека на нејзината волшебна горна усна се развиле густи црни мустачиња. И коментира: природата ќе згрешела доколку тука не го нафрлела овој лесен мов. Балзак не уверува дека токму со тој украс грофицата била совршена. Додуша, дури и кога не би било така, таа, во тоа време, не би имала избор, би морала да си го носи својот „украс“.

Имено, се до втората половина на 20-от век, и мажите и жените морале да си го носат тоа што им го дала природата. Постоел строг код на убавина, но вистинските критериуми биле помилосредни. На дворот на Луј 14-ти, според историчарот Сен Симон, сите дворјани ги воодушевила жената на престолонаследникот, донесена од малото италијанско војводство. Од неговиот опис не може да се заклучи дали таа била руса или црна, висока или ниска, единствено дека имала голем задник и расипани заби!

Денес имаме стоматолози и порцелански навлаки, пластични хирурзи, апчиња за слабеење, маскари за издолжување на трепките, епилејди, шминка…И колку што има повеќе згодни и убави луѓе, толку построг и понедостижен е критериумот на „вистинска убавина“. Којзнае, можеби за некој век, токму грдите ќе бидат интересни и привлечни, а сите останати ќе изгледаат исто и здодевно.

stil 2

Всушност, муабетот ни е дека, со оглед на сите сегашни помагала кои ни се на располагање и со чудата кои ги прават пластичните хирурзи, повеќе и не е некој штос да се биде убав. Она што треба да го има секој за да не биде само едно од многуте убави лица кои се повеќе наликуваат едно на друго, е стилот. Е да, тоа е веќе нешто. Нешто што го нема секој.

Стил секако дека не е само начинот на облекување, на комбинирање на парчињата облека, стил е и начинот на однесување, на зборување…Како и да е,  во облекувањето, во однесувањето и воопшто, во животот, велиме дека некој има стил кога прави нешто што му е својствено само нему, макар истото и не им се допаѓало на сите.

Фата Моргана

x

Check Also

Како ја замислувате модата на доцниот 21 век?

Изгледа дека прогресот во модниот свет е побрз од нашите очекувања. Побрз ...