Уникатни македонски модни дизајни понудени на глобалниот е-маркет

Поседуваме многу квалитетни дизајнери чии идеи би останале само на хартија доколку не постои нешто како „Бастет Ноар“, вели во разговорот за макмода, Даниела Милошеска.

daniela 2

Откако ги заврши студиите за претприемништво во Словенија и се усоврши за моден и луксузен менаџмент во Франција, Даниела Милошеска во последниве две години работеше во Лондон, каде живееше до пред извесно време. Пред да се врати во Македонија и да го основа сајтот за онлајн-продажба „Бастет Ноар“ работеше како бизнис фокус-истражувач за „Ethical Fashion Forum “ во Лондон. Нејзиното име како автор ќе го сретнете и во книгата „Глобални луксузни трендови – Иновативни стратегии за развивање на нови маркети“, издадена од „Palgrave Macmillan“. Нејзината следна цел во животот е промоција на македонските модни дизајни на глобалниот интернет пазар.

Која е Вашата главна цел со основањето на сајтот „Бастет Ноар“ и што неговата егзистенција ќе значи за македонските дизајнери?

За жал, не потекнуваме од држава со богато минато во модата, па токму и поради тоа името Македонија воопшто не е познато во модниот свет. Модната индустрија кај нас главно се сведува на шиење за познати куќи во странство, каде дизајнерите работат, пред сѐ, како контролори на квалитетот и едноставно немаат слобода да го изразат својот креативен дух. И покрај тоа што се нуди квалитет за многу ниска цена, оваа дестинација е некако толку добро скриена кога станува збор за модата, така што никаде не пишува дека изработката е македонска. На овој начин се разви и самата идеја за „Бастет Ноар“. Главната цел на страницата е промоција на македонските дизајнери надвор од границите на Р. Македонија преку понуда на нивните дизајни кои, пред сѐ, се изработени од природни материјали и материјали кои не се штетни за природата. Поседуваме многу квалитетни дизајнери чии идеи би останале само на хартија доколку не постои нешто како „Бастет Ноар“. Самиот недостиг на вакви платформи, кои на дизајнерите ќе им служат како отскочна штица, е причината поради која и почнавме да работиме.

daniela 6

Почетокот на постоењето на сајтот го обележуваат дизајните на Ивана Кнез, Ирина Тошева и Маја Кикириткова. Кои се причините да почнете соработка со трите дизајнерки и дали списокот со дизајнери и понатаму ќе се шири?

Спектарот на продукти кои овие дизајнерки го нудат, како и квалитетот на изработката на нивните дизајни и материјалите со кои работат, беа пресудни за да ги одбереме како дел од тимот на „Бастет Ноар“. Нивните клиенти веќе многу добро ги познаваат и знаат дека она што ќе го добијат има висок квалитет и, пред сѐ, е уникатно парче. Списокот на дизајнери секако дека ќе се шири, тоа е и самото јадро на постоењето на „Бастет Ноар“. Веќе сме во преговори со неколку нови македонски дизајнери.

daniela 5

Еко-мода е еден од клучните термини за дизајните претставени на сајтот. Од каде се појави идејата и кои се причините глобалните еколошки тенденции да најдат свое место во модните дизајни?

Идејата се зачна како таква уште пред една година, кога работев во Лондон за платформа која промовира еко-мода. Компанијата се вика „Ethical Fashion Forum “, а освен тоа што е една од најголемите мрежи во светот за промовирање на еко-модата како концепт, оваа платформа е поддржана од Франка Соцани, главната уредничка на италијанскиот „Вог“, како и од многу високорангирани компании, меѓу кои се наоѓаат „Гучи“ и „Баленсијага“. Чест ни е да изјавиме дека „Бастет Ноар“ веќе е член на оваа платформа.

Главната причина за еколошките тенденции во модните дизајни, пред сѐ, е тоа што модната индустрија е една од најголемите загадувачи на планетата Земја. Во голем дел самата модна индустрија е виновна за уништувањето на голем број шуми и одземањето на голем број човечки животи. Само погледнете што се случи со фабриката во Бангладеш, каде брендови како „Манго“ ги шијат своите колекции. Најмалку 8.000 хемикалии се употребуваат за преработка на материјалите во текстил и 25 проценти од пестицидите во светот се користат за одгледување на неоргански памук. Ова создава непоправлива штета за луѓето и за природата, па затоа голем број компании во модната индустрија се откажуваат од своите лоши навики и почнуваат да се навраќаат кон корените на вистинската мода, особено онаа што е рачно изработена.

daniela 4

Во практична смисла, колку развојот на технологијата ја иницираше и ја овозможи појавата на сајтот „Бастет Ноар“? Како практично ќе функционира „Бастет Ноар“?

Развојот на технологијата претставува голем двигател за иницирање на сајтот. „Бастет Ноар“ ќе функционира на ист начин како и сите онлајн-бутици. Ќе се плаќа онлајн со кредитни картички и ќе се доставува до вратата на крајниот потрошувач.

daniela 3

Дали користевте искуства од странство во подготовката на сајтот и, според Вас, колку македонското општество е подготвено да го прифати предизвикот на „Бастет Ноар“?

Да, секако дека да. Благодарение на моите родители сум имала можност да се школувам во странство и начинот на кој размислуваат таму е многу различен од нашиот. До пред извесно време не верував дека ваков концепт би можел да успее во Македонија, првично поради тоа што постои голема скептичност во однос на купувањето на интернет. Меѓутоа, помладите генерации веќе знаат дека овој концепт постои и функционира насекаде низ светот и полека се ослободуваат и нарачуваат на интернет, особено оние кои сакаат да изгледаат различно од другите. Иако во менталната мапа на самите потрошувачи постои голем сомнеж кога станува збор за онлајн купување, ние веруваме дека мора и треба некој да го направи првиот чекор, па зошто тоа да не бидеме ние.

Тони Димков

x

Check Also

Агнеса Орданоска, вљубеник во модните трендови, еве што прави денес

Поранешната моделка која беше ангажирана во агенциите „Мак Моделс“ и „Моделс Ин“, ...