Вечерва со почеток од 20 часот: МКЦ почнува одбележување на јубилејот „50 години македонски анимиран филм“.

Одбележувањето на јубилејот ќе опфати изложба на артефакти од „златното доба“ на македонскиот анимиран филм (1971-1991), како и изложба на артефакти од актуелните автори на анимиран филм кои ја сочинуваат сцената денес. Предвидени се дискусии со авторите од „златното доба“ и сцената денес, проекции на филмови, како и презентација на публикацијата „Македонскиот анимиран филм 1971-1991“ која е резултат на истражувачката работа на Иван Ивановски и Слободан Јаќоски.

Оваа година се навршуваат точно 50-тина години од „Ембрио No. M“ на Петар Глигоровски, првиот македонски анимиран филм. Глигоровски, заедно со Дарко Марковиќ и Боро Пејчинов и уште шест автори се генерацијата која ги поставува темелите на македонската анимација. Овие автори го достигнуваат својот зенит кон крајот на 70-тите и почетокот на 80-тите години – создавајќи извонредни филмови кои учествуваа и добија значајни признанија на големи светски фестивали, вклучувајќи и „Сребрена мечка“ на Меѓународниот фестивал во Берлин.

По „златната доба“ на македонскиот анимиран филм (1971-1991), настапува извесен дисконтинуитет со целосно редуцирана продукција и индивидуални пробиви. Пред околу 10-тина години, новите технологии за дигитална продукција придонесуваат за постепено создавање на нова сцена на автори на македонски анимиран филм и повторно етаблирање на македонскиот анимиран филм на европските и светските фестивали. Организацијата на овој настан е на ДФРМ во партнерство со Кинотека, Вардар Филм и МКЦ, со поддршка на Агенција за филм, Министерството за Култура и Град Скопје.

*Фестивалот ќе се реализира согласно актуелниот протокол за организација на настани во затворен простор.
*Влезот на филмската програма е бесплатен со претходно подигнување на бесплатен протоколарен билет преку www.bileti.mkc.mk или билетарница на МКЦ.

x

Check Also

E-banking како ново нормално при користење на банкарските услуги

Во последниве две години, како последица од глобалната пандемија, научивме како паметно ...