„ВИДЕОЛОГИЈА“ – промоција на збирката филмски рецензии и есеи од Златко Ѓелески

„Видеологија“ претставува збир филмски рецензии и есеи за филмовите што се појавија и во домашната продукција и во светски рамки во 2019 и во 2020 година. Книгата е поделена на два дела, од кои првиот дел содржи анализа на долгите и на кратките играни и документарни филмови што беа продуцирани и снимени во нашата земја. Во овој дел целта е да се анализираат сите филмови што на кој било начин беа достапни за гледачите. Анализирани се стотина домашни филмови со цел да се долови диверзитетот, не само на тематскиот избор, туку и на начинот на кој се реализирани филмовите, доловувајќи го продорот на уметничкиот израз на младите филмски работници, што станува евидентен не само за домашната јавност, туку е награден и со мноштво признанија на странските филмски фестивали на кои учествуваат македонските филмови.

Вториот дел од книгата содржи избор на дваесетте најквалитетни долги играни и документарни филмови што се појавија во 2019 и во 2020 година во светски рамки. Во овој дел целта е да се издвојат високите естетски вредности и квалитетите што ги имаат исклучителните филмски достигнувања, што ја одбележаа светската филмска индустрија. Акцентот е ставен на уметничките дела од артхаус провениенцијата, како пример за врвните достигнувања во доменот на филмот. Некои од нив ги надминуваат жанровските ограничувања, други ги амалгамираат, а трети создаваат уникатна визура и филмска поетика што вреди да се доближи до домашните љубители на филмот.

„Видеологија“ е наменета да претставува еден вид огледало и на домашната и на светската филмска сцена, да се воочат начелата според кои е препознаен стилскиот израз на домашните филмски автори, наспроти визуелниот маниризам на реномираните светски филмски автори и младите гласови што пирово се пробиваат во рамките на квантитативната понуда на филмски дела. Оваа книга на читателот му ги доближува значајните актуелни остварувања, со тенденција да прерасне во книжевен серијал, со цел објективно да ги истакне високите естетски вредности на модерниот филм.

Книгата е во издание на ПНВ публикации. Разговорот со авторот ќе го води Јулијана Величковска.

x

Check Also

Внимавајте со диетите: Метаболизмот е побавен со секој загубен килограм!

Најтешко слабеат оние кои сакаат да „симнат“ малку килограми, поточно 2 – ...