Најдоброто од 2013: Постојано во бунтот, Вивиен Вествуд: Нема попуст на нејзините креации!

Кога панкот стана релативно мејнстрим во 80-те, таа продолжи да се одметнува и стана пират. Засекогаш.

Дека Ив Сен Лоран го соблече смокингот од мажот за да и’ го облече на жената, знаеме. Дека Жан Пол Готје ја соблече Мадона по корсет и од тоа направи секојдневно парче гардероба на крајот од практичниот 20. век, знаеме исто така. Но, кога ги видовме сликите од Метрополитен балот во Њујорк, од пред две недели, кога се славеше панкот, се потсетивме и на големата дама Вивиен Вествуд.

Вивиен и Малколм Мекларен

Вивиен и Малколм Мекларен

Кога во почетокот на 70.те години на Лондон му требаше мајстор што ќе го скрои панкот, на Вивиен и нејзиното тогашно момче Малколм Мекларен, што ќе и’ стане деловен партнер и своевиден татко на „Секс Пистолс“, им се посреќи да отворат еден бутик на Кингс роуд каде што ги украсуваа и докројуваа маиците и кошулите со безопасни игли. Баш како што се користи, ми се чини, за се да се преповијат бебињата. Зашто тогаш, во 70-те, момците и девојките што се облекувале кај Вествуд бea токму тоа – бебиња. Цврсти и сурови момци кои во суштина бea недопрени во духот. Момци кои сакаа да го сменат светот, или подобро речено, естаблишментот. Невини момци кои веруваа дека со бунт преку музиката, постерите, беџовите, нивниот имиџ, ќе станат видливи за „уштирканата“ британска неприкосновена аристократија и ќе донесат промени, кои ќе живеат со чувства чисти како од извор и многу интензивно. И преку нив повторно се чу поинакво видување, се вклучи разноличноста во сценскиот живот за на крај и тоа да стане легитимен дел од него. А Вивиен, и покрај планетарниот успех, остана верна на своите принципи. Им остана верна зашто тие навистина постоеле кога почнала, а не биле лажни, односно кич.

Вивиен на Мет Гала

Вивиен на Мет Гала

Кога панкот стана релативно мејнстрим во 80-те, таа продолжи да се одметнува и стана пират. Засекогаш.

Зошто ни е нам важна Вивиен Вествуд? Затоа што таа е постојано во бунтот. И таа непокорливост ја доведува до степен на традиционалност, со која цврсто стои на земја како противтежа на се’ она што се случува наоколу. Ексцентричната одора е постојана, но постојан е и лошиот вкус и глупоста што неа ја обиколуваат. Понекогаш ни изгледа дури и како Алиса во земјата на чудата. А, Алиса е речиси секогаш облечена исто. Таа испраќа порака, се дрзнува да стане видлива и да даде релевантност. Зашто таа не само што се залага за вечниот стил скаменет како цемент, туку таа се залага и за добриот квалитет. А квалитетот чини, за разлика од неквалитетот, кој што е лош, проѕирен, краткотраен. За квалитетот треба да се избориме еднаш, а откако еднаш ќе добиеме, треба да се бориме секојдневно да го задржиме. Без разлика дали зборуваме за предмет, услуга, владеење. Ова се банализира, можеби, и во податокот дека Вивиен Вествуд никогаш не дава попуст на нејзините креации. Таа смета дека треба да се купува паметно, а ретко. Да се носи облеката како своевидна униформа на личноста преку која параката што ја праќате ќе биде дека ве интересира оригиналното и вистинското што стои зад секоја одлука, чекор, споменик.

И во време кога сите се заразија со новиот албум на Дафт Панк, единствено што ни останува е да се запрашаме: како ќе се униформираме ние?

Лина Данова

x

Check Also

Како ја замислувате модата на доцниот 21 век?

Изгледа дека прогресот во модниот свет е побрз од нашите очекувања. Побрз ...