Вкусно ем здраво: Плескавици од карфиол и сирење

Доколку преферирате вкусен и здрав ручек, дегустирајте ги плескавиците од карфиол. Комбинацијата со сирење е исклучително добра зашто се употребуваат два вида на сирење – пекорино и моцарела.

Намирници – 1 карфиол (од околу 400 грама), 1 помал кромид, 2-3 помали чешниња лук ситно сечкани, 3-4 јајца, свеж магдонос исечкан, 1/2 филџан изрендано пекорино, 1/2 филџан изрендана моцарела, 1/2 филџан брашно, 1/2 филџан млеко, сол, црн пипер и маслиново масло.

 Подготовка

Во поголем сад сварете вода и ставете го карфиолот да омекне (но не да преврие), потоа исцедете го и изладете го. Во сад за печење на малку масло пропржете го ситно исечканиот кромид и лук, но кусо колку да омекне. Во друг сад иситнете го сварениот карфиол на парчиња (не преголеми, но не и преситни), па додадете ги јајцата и пропржените кромид и лук. Посолете и наросете црн пипер по желба. Постепено додавајте го млекото и брашното и мешајте додека не добиете компактна смеса. Додадете ги сирењата и магдоносот и уште еднаш добро измешајте. Направете плескавици од смесата,а доколку смесата изгледа преретка, додадете брашно за плескавиците да бидат цврсти. Загрејте поголема тава за печење и ставете две-три големи лажици маслиново масло. Пржете ги плескавиците само неколку минутки од двете страни, односно додека не станат златни и крцкави.

Послужете ги топли со сладок компир и ѕаѕики.

x

Check Also

Превкусни палачинки од тиква

Дегустирајте ги овие слатки палачинки направени од кралицата на есента – тиквата. ...