Влатко Стефановски одржа спектакуларен концерт во Античкиот театар во Охрид

Најпознатиот македонски гитарист Влатко Стефановски на 1 август одржа спектакуларен концерт во Античкиот театар во Охрид. Нашиот гитарски виртуоз настапи со гостите и негови пријатели Теодосиј Спасов од Бугарија, хармоникашот Танос Ставридис од Грција, Биља Крстиќ од Србија, Весна Гиновска Илкова и групата „Љубојна“ од Македонија.

Посетителите имаа прилика да го слушнат неговиот последен проект, албумот „Мајчин јазик“ – негов прв соло акустичен албум кој содржи инструментални верзии на македонски народни песни. Станува збор за 35-тиот албум во неговата кариера, а на него, помеѓу другите, се поместени песните: „Зошто си ме мајко родила“ (посветена на Есма и Стево Теодосиевски), „Огреала месечина“, „Успаванка за Радмилу М“ – композиција за истоимениот албум на „Бијело дугме“ за која Влатко вели дека настанала во Скопје како минујатура за две гитари, Касапско оро и 13-осминското Пелистерско оро.

Влатко за овој концерт изјави дека е кулминација на сите негови трагања, и музички и просторни, а за Охрид дека е место полно со магија, дух, уметност, неверојатна природа и претставува секогаш голема инспирација и возбуда за него.

На концертот пред бројната публика која со Влатко го сподели ова волшебно музичко патување, присуствуваше и првата жена премиер на Словенија Аленка Братушек.

Концертот беше поддржан од Македонски Телеком, кој воедно е покровител и на целата манифестација „Охридско лето”.

 

 

x

Check Also

Нескршливиот Ѓердан на Васил Гарванлиев

Васил Гарванлиев момчето познато по детскиот евергрин Марионка, по речиси дваесет години ...