Во чест на нејзиниот 80-ти роденден: 14 работи кои можеби не ги знаете за Софија Лорен

Една од најуспешните повоени ѕвезди, карактеристична по полните усни и крупните очи, и прва глумица која добила Оскар за звучен филм кој не е од англиско говорно подрачје – Софија Лорен на 20 септември го прослави својот 80-ти роденден.

1

Родена е како Софија Вилани Шиколоне, на 20 септември 1934., во Рим. Татко и го напуштил семејството, па поради тешките животни услови малата Софија со мајка си и сестрата се преселиле кај бабата и дедото на Софија во близина на Наполи. Во текот на Втората светска војна ова село често е бомбардирано поради пристаништето и воените маринци. Во текот на еден од нападите, малата Софија додека бегала во скривница, ранета е во брадата.

2

На 14 години Софија се пријавила на избор за убавица, влегла во финалето, но не победила. Уште тогаш привлекла внимание, па потпишала договор со продуцентот Карло Понти кој и организира часови по глума.

3

Во 1951 година добива прва мала улога во филмот „Омилена” и тогаш почнува да го употребува уметничкото име Софија Лорен. Со следната улога, во филмот „Аида” привлекува внимание на критичарите, а првиот пробив во филмскиот свет го остварува со филмот „Златото на Наполи“, во 1954 година. Истата година го снима и првиот во низата филмови каде партнер ќе и биде Марчело Мастројани.

4

До средината на 50-те, Софија Лорен е дома веќе вистинска ѕвезда и секс симбол, но малку од нејзините филмови се дистрибуираат надвор од границите на Италија.

5

Пресвртот во кариерата и меѓународната слава крунисана со бројни награди, и го носи филмот од Виторио де Сика во 1961 година, Чочара, каде глуми мајка која се обидува да ја заштити ќерката во војната во Италија. Овој филм ќе и донесе дури 22 награди, меѓу кои и првиот Оскар кој го добила како прва италијанска глумица и наградата на Канскиот фестивал.

6

Со прогресот на нејзината кариера, нејзиниот приватен живот предизвикал нов скандал. Со својот продуцент, Карло Понти се омажи во 1957 година, а тоа беше шок за цела Италија, не само поради разликата во годините меѓу Софија и Карло, туку затоа што Понти веќе беше женет а разводот во Италија беше нелегален. Некои списанија дури повикуваа и на бојкот на филмовите на Софија. За да не ги обвинат за бигамија, Софија и Карло го поништија бракот, и заминаа во Франција каде Понти успеа да добие развод од првата жена, Џулијана. Со Софија конечно ќе се ожени во 1966 година. Софија и Карло потоа побараа и добија француско државјанство.

7

Во бракот со Карло добива и два сина, Карло Понти јуниор  (1968), денес познат диригент, и Едвардо (1973) кој е денес познат режисер. По раѓањето на синовите помалку снима.

8

Покрај филмот постигнува меѓународен успех и со својата автобиографија објавена во 1980 година, а во 1981 станува и прва ѕвезда која го промовира сопствениот парфем, а потоа и линија на декоративна козметика.

Лорен за календарот Пирели, 2007

Лорен за календарот Пирели, 2007

9

Во текот на 1982 година, повторно ги полни насловните страници на списанијата, поминувајќи 18 дена во затвор поради обвинување дека затајувала данок.

10

Остана позната и по тоа што целиот живот сакаше само еден човек, Карло Понти, со кого остана се до неговата смрт во 2007 година. После неговата смрт, на прашањето на новинарите дали повторно ќе се омажи, одлучно одговори негативно, со образложение дека би било невозможно да се сака некој друг.

11

Многумина заради неа ја загубиле главата. Еден од најпознатите случаи беше Питер Селерс, за кого сними и албум со песни, кој толку беше опседнат со Софија Лорен што поради неа ја остави сопругата. Софија пак, од друга страна, тврдеше дека врската со Селерс била платонска, а привлечноста еднострана.

12

Софија Лорен денес живее во Женева, иако има куќи и во Рим и Наполи.

13

Страсно навива за фудбалскиот клуб Наполи, толку многу што во 2007 година изјави дека би извела стриптиз пред целиот клуб, како што некогаш го изведуваше пред Марчело Мастројани.

14

Позната е по духовитите изјави, но и по стилот кој го негува со години, а стана и инспирација на многу дизајнери. Нејзиниот стил, со карактеристично нашминканите очи, е еден од најимитираните со децении.

С.С

x

Check Also

Се отвора изложбата Panic Room во Музејот на современата уметност

На 2 октомври во Музејот на современата уметност – Скопје, со почеток ...