Во чест на нејзиниот роденден: Рита Хејворд и неподносливата убавина на модното заведување

Талентирана глумица, позната по единствениот стил, Рита Хејворд беше врв на гламурот во 40-те години, симбол на женската убавина, прва фатална црвенокоса девојка, без вел на мистериозност кој до тогаш го диктираа Марлен Дитрих и Грета Гарбо, глумиците со по малку машки имиџ.

rita 4

Со своите 168 сантиметри и 55 килограми беше доволно висока за да стане грижа за партнерите во филмовите, меѓу кои и Фред Астер. Зад себе остави 60 филмски улоги во текот на 37-годишната богата кариера.

Рита Хејворд, ќерката на шпанскиот танчер Едуард Кансино, е родена на 17 октомри 1918 година, во Бруклин, Њујорк, како Маргарита Кармен Кансино. Нејзиниот дедо, Антонио Кансино, беше еден од најславните претставници на традиционалниот шпански танц, па сосема очекувано семејството форсираше Маргарита да стане танчерка. Првите лекции по танц ги добивала уште на 3-годишна возраст, подоцна самата глумица сеќавајќи се на детството ќе каже „проби, проби и само проби по танц, тоа беше целото мое детство“.

Почнува да настапува јавно уште на 6-годишна возраст, а кога има 8 години семејството се сели во Холивуд. Едуард Кансино во Холивуд основа танчерско студио во кое часови земаат најголемите холивудски ѕвезди. Сепак, бизнисот му пропаѓа со Големата депресија, а по тој период танцот веќе не е ни модерен. Маргарита пак, која поради ангажманите со танцот не завршува ни средно училиште, се обидува да стане актерка. Првите улоги и се безначајни и мали, надежта дека може да се пробие полека згаснува, па се мажи со продавачот и промотер Едвард Џадсон. Џадсон и помага да склучи договор со „Колумбија пикчерс“, но и понатаму добива мали улоги главно поврзани со танцување.

Промената на стилот и носи слава

Нејзиниот сопруг ја убедува комплетно да го смени стилот, до некаде и изгледот, да ја „подигне“ косата, да го истакне челото и да стане црвенокоса. Со новиот изглед го менува и името во Рита Хејворд. Оттука почнува и нејзината кариера, а бојата на косата во тој период ќе ја смени дури седум пати. Се разбира, во различни нијанси на црвена.

Фотографијата како седи на кревет облечена во свилена ноќница украсена со тантела, објавена во списанието „Лајф“, ќе ја лансира во ѕвездите, а тој број на списанието ќе биде продаден во рекордни пет милиони примероци.

rita 2

Следуваат годините во кои ги снима најуспешните филмови во кои е препознатлива по сензуалната еротика со која зрачи. Подоцна, самата ќе каже дека „Мажите одеа во кревет со Гилда, а се будеа покрај Рита Хејворд“.

Пари за другите, но не и за себе

Фаталната убавица сепак се соочува со низа на депресивни периоди. Подоцна и јавно го искажува својот револт дека „договорот не значи поседување“. Се разведува од Џадсон и набргу се ванчава со Али Кан. Поради честите каснења на пробите, постојано е под суспензија. Филмовите во кои глуми остваруваат огромен профит, благодарение на неа, но таа останува со договор за хонорар. „Заработив многу пари, но за нив, не за себе“, е познатата реченица на Хејворд. Револтот го искажува јавно, во весниците, па оттука следува и написот во списанието „Пипл“ кој ќе и ја разниша кариерата – „ Холивуд ќе го достигне дното ако ваква несмасна жена ја промовира како ѕвезда“.

По разводот со Али Кан, сосема се насочува кон глумата и снима неколку филмски хитови, и одеднаш се повлекува од филмското платно. Причина за тоа е бурниот трет брак.  Со последниот мјузикл во кој глуми со Френк Синатра и Ким Новак, Рита Хејворд конечно го раскинува договорот со „Колумбија пикчерс“, по нејзина волја. Во 1962 година нејзиното деби на Бродвеј е откажано поради „непознати здравствени проблеми“.

Модни договори

И покрај нејзините успеси и падови, стилот и изгледот ја прави посебна, па во текот на целата кариера е инспирација на модната инустрија. Нејзините усни, на пример, се прогласени за најубави во светот од страна на Сојузот на уметниците во САД, а долготраен е и договорот со козметичкиот гигант „Макс Фактор“ за кој промовира кармини и шминка.

rita 3

Нејзиниот стил до денес е инспирација на модните креатори и воопшто на дизајнерите, а во јули годинава Рита Хејворд беше инспирација за новата колекција на луксузни пенкала на „Монблан“, лимитирана линија 46, инспириран од нејзиниот гламур, сензуалност и харизматична фигура. Не беше случаен бројот 46 во колекцијата пенкала (во 1946 година Рита Хејворд ја стекна светската слава благодарение на филмот „Гилда“). Проѕирниот зелен лак на пенкалата потсетува на заводливата сатенска наметка која Хејворд ја носеше на легендарниот филмски постер.

x

Check Also

Се отвора изложбата Panic Room во Музејот на современата уметност

На 2 октомври во Музејот на современата уметност – Скопје, со почеток ...