Во мода е Захар Прилепин: Писателите во Русија се на ниво на шоу-ѕвезди!

„Руската жена е многу убава и паметна. Тоа што половина од холивудските ѕвезди се оженети со Русинки воопшто не ме чуди. Има восхитувачка убавина и интелект,  и однадвор ангелски (но измамнички) карактер – тое е Русинката. И тоа со какви скандали потоа се случуваат разводите на холивудските ѕвезди со нивните пријателки Русинки, тоа мене ми е многу смешно. Тие момци не сфатиле веднаш со кого се врзуваат“, вели еден од најчитаните руски писатели Захар Прилепин.

 

z2Во себе соединил многу необични ликови, па можеби е логично што станал писател. Син на наставник по историја, Николај Семјанович, и докторката Татјана Николајевна, роден во 1975 година. Беше мајстор, чувар, работник, па дури и командант. Заврши Филолошки факултет и Школа за јавна политика. Денес е еден од највлијателните и најпреведуваните руски писатели. Живее во Нижњи Новгород, среќно оженет, четири деца. Директор е на Нова газета и главен уредник на сајтот Слободен печат (Свабодная пресса).

Светот на вашите литературни интереси е современата Русија, рускиот човек, неговото чувство за татковината, народот, тие се темелите на градење на ликови во вашите дела?

До некаде, така е. Сепак, не е само современа Русија. Сега, ако даде Бог, го доработувам новиот голем роман, таму дејствието се случува во 20-те години на минатиот век. Најпосле, тоа што се случува во романот Црн мајмун нема никаква врска со поимите како што се „татковина“ и „народ“, токму тука се претставени луѓе кои не припаѓаат на тие поими. За другото, имате право.

До која мера личното искуство влијае на создавање на литературно дело?

Во мојот случај, во многу сериозна мера. Не сум обврзан да го проживеам цел живот на сите свои ликови, но должен сум да имам претстава што тие доживувале кога им било навистина болно, страшно или радосно. За писателот да ја има таа претстава, понекогаш мора да направи со себе тоа што го прават неговите јунаци. За моја среќа, многу од тоа што го опишувам го направив веќе со себе уште пред да почнам да пишувам.

Пишувањето за вас значи импулс, начин на живот или пред се смислена работа?

Како-кога. Го доживувам тоа како работа. Кога утре би ми ја дале најголемата награда во животот, би пишувал малку помалку. Понекогаш не успевам да живеам поради толку многу работа. Но, воопшто, чувството кога го завршувам романот е многу пријатно. Си го влечкал тој камен на планината и кога одеднаш, тој се стркалал надолу. И тоа е олеснување. Имам среќна судбина. Само затоа што од мали нозе манијакално ја сакав поезијата и целиот сум обземен од книжевноста, таа е дел од мојата природа. И сега книжевноста ме води низ светот.

z3

Може ли да се влијае на општеството денес или литературата доби споредна улога во животот на современиот човек?

Од една страна, се чини дека луѓето читаат се помалку и помалку. Од друга страна, писателот во Русија има прилично голема тежина. Кај нас дури и митинзите на опозицијата ги предводат писатели, на пример, Лимонов, или Дмитриј Биков, или Борис Акуњин. А кога се одржуваат митинзи за поддршка на власта, ги предводат други писатели – на пример, Александар Проханов или Јуриј Пољаков. Писателите во Русија се на ниво на шоу-ѕвезди, често се појавуваат на насловните страници на списанијата, гости се во најпрестижните емисии. Па така тие безусловно имаат многу големо влијание.

Што е со руската жена? Посебно почитување и нежност кон жените има во вашите дела?

Ох, руската жена! Со неа нешто треба да се направи. Одамна никому не му се потчинува. Веќе дојде време таа од почеток да се припитомува. Особено што веќе и на самата и здодеа слободата. Руската жена е многу убава и паметна. Тоа што половина од холивудските ѕвезди се оженети со Русинки воопшто не ме чуди. Восхитувачка убавина и интелект,  и однадвор ангелски (но измамнички) карактер – тое е Русинката. И тоа со какви скандали потоа се случуваат разводите на холивудските ѕвезди со нивните пријателки Русинки, тоа мене ми е многу смешно. Тие момци не сфатиле веднаш со кого се врзуваат. Треба да се има на ум дека Русинката е онаа иста жена која ги раѓа руските војници. А тие веројатно мислат дека таа убавица со крупни очи и долги нозе е едно, а војникот кој со тенк стигнал до Берлин и ја уништил најстрашната армија на светот, друго. Но излегува дека тие се роднини. Ги сакам руските жени. Една од нив е мојата мајка, другата – мојата жена. Сеуште не разбрав кој кого од нас заробил. Иако ние веќе одамна не војуваме, затоа што неа бездруго невозможно е да ја победиш.

Жената се појавува како извор на сила и суштина на животот. Дали кај вас женските ликови и односот кон нив се одраз на традицијата или ваша сопствена перцепција?

На почетокот тоа е моја сопствена перцепција, а потоа јас од тоа ќе направам традиција. Литературата е секако традиција. Пушкин и Толстој го смислија рускиот народ, па и руската госпоѓица. Јас во согласност со својата сила се обидувам да додадам некои црти на нејзиниот прекрасен портрет.

Во вашите дела семејството е речиси секогаш основна подлога во животот на јунаците. Каква е улогата на семејството денес и што значи семејството за вас лично?

Семејството е мојата основа. Не без причина во рускиот јазик зборот родители – род – Родина (татковина) имаат ист корен. Семејството доживува тешки времиња. Современиот свет вложува премногу за да го уништи. Човекот, како што се објаснува, никому не должи ништо – слободен е од татковината, од јазикот, од својата жена и своите деца. Чувството е дека тој не е слободен единствено од своите полни органи за кои е обврзан да ги употребува максимално слободно. Се тоа ме води на невесели мисли. Но за да се поправи ситуацијата нема друг пат – со личен пример да се покажува дека семејството е богатство. Да се докажува – човекот кој се лишува од семејството и децата се лишува себеси од тлото и коренот. Се увидува, пред или подоцна, дека тој е во празнина и дека нема тежина. Најчесто тоа се увидува предоцна. Често ги потсетувам на тоа луѓето. И многумина ми се лутат,  сметаат дека им се мешам во нивниот личен живот. И имаат право. При тоа, мене не ме загрижува ничиј личен живот, туку иднината на Русија. За Русија да постои, потребно е тука  да живеат извесен број нови, образувани, убави и чесни луѓе кои имаат чувство за долг кон минатото и иднината.

Која е основната разлика меѓу тоа како вас ве одгледувале и како вие ги одгледувате вашите деца?

Никаква разлика мислам дека нема. Ги одгледувам децата онака како што ме одгледувале мене. Не се обидувам да бидам догматичен и да им зборувам како треба да се однесуваат. Единствено што се обидувам да правам е децата да не ја видат разликата меѓу она што јас го зборувам и тоа како јас живеам.

Во денешниот високотехнолошки и отуѓен свет каква иднина можат да очекуваат младите поколенија?

Напредокот не менува ништо. Напразно мислиме дека ние живееме во „нова ера“, во „век на информации“. Се залажуваме. Не сме нималку попаметни од луѓето кои живееле во 15-от век, па дури ни од оние од 3-от век пред нашата ера. И понатаму сме мрзливи, голи суштества, без канџи и крзно. И кога ќе се замислиме дека сме не знам што, ќе не потсетат кои сме. Бог постои.

Благодарение на вашата книжевна слава многу патувате. Каков е вашиот општ впечаток за тој свет?

Светот се врти во круг. Набрзо, цивилизацијата ќе дојде до таму што идеите кои наизглед победиле на крајот на 20-от век – идеите за либерализам, мултикултуралност, глобализација, капиталистичка економија, толеранција – се ќе отиде во бестрага! И не би рекол дека тоа ужасно ме плаши.

И покрај суровоста на новиот поредок, во вашите книги се чувствува вербата, речиси наивна, дека светот може да се менува и дека душата е над се. Како да се сочува душата?

Не треба да се троши на својата слобода. Слободата јаде се. Целата вистинска слобода е внатре. Однадвор има многу суета и хаос. Големиот руски писател Сергеј Есенин напиша „ Колку е страшно што душата минува, како младост, како љубов“. Тоа е вистина. Душата минува. Нејзиното заминување е пострашно од заминувањето на младоста. Кога заминува душата, се случува најмонструозното  чувство – чувството дека Бог те напуштил. Есенин се обеси, тоа чувство го уби. Но тој ни остави чудесни песни, каде се е кажано. На почетокот ти ја чуваш својата душа, а потоа таа те чува тебе. Во сочуваната душа живеат ангели. Ангелите се вгнездуваат во нас. Само тие не можат да живеат на ѓубриште.

Весна Капор

x

Check Also

Модни парчиња од ZARA дизајнирани од вештачка кожа

Шпанската модна марка ZARA лансираше жежок тренд за есен/сима 2020 година, посветен на ...