Во Скопје доаѓа глас кој „убива“ – Аереа Негро

Пејачка, продуцент, диџеј и композитор во магична ламба. Токму како што не е лесно да се изговори нејзиното име- Аереа Негро, не е лесно да се одреди и нејзиниот стил. Сепак, тоа не значи дека нејзината музика е непристапна или „тапа“, напротив, таа има создадено сопствен уникатен пристап, комбинирајќи техно-рутини, оперски вокали и апстрахиран поп.

Таа е студиски продуцент, вокалист, школувана балерина и диџеј, која ја поседува не само сцената туку и средствата за продукција. Аереа Негро дозволува дисциплините што ги применува да се преклопат во прекрасно лудило, пробликнато со карактер, итро насочено кон иднината, додека со едно прсте сè уште „брца“ во традициите на класицизмот.

Активно настапува од 1999 година, а првиот албум, „Arabxilla“, го издаде во 2011 година на БПич Контрол. Весникот „Гардијан“ го опиша како „атмосферски хаус- и техно-звук, со доза на вајмарски кабаретски интервали и џез-модулации“, прогласувајќи го за „божествен“. Всушност, потеклото од Венецуела и нејзиниот дом во Берлин (со повремени екскурзии во меѓувреме) оставиле длабок печат на нејзините дела. Германскиот весник „Зајт“ исто така ја забележа меѓународната привлечност во музиката на овој полиглот, нарекувајќи ја „диско-есперанто“; парискиот „Вог“ албумот го нарече „горлив, но истовремено и леден“ и ја спореди со Клаус Номи и Грејс Џонс, додека американското списание „Магнет“ го прогласи за број еден електронски албум на годината. Од меката на ноќните клубови Бергхајн до Оперската куќа во Сиднеј, настапите на Аереа привлекуваат нови обожаватели во различни средини. Со нејзини зборови, за музиката може да се каже дека не доаѓа од срцето, ниту од мозокот, туку „доаѓа од црниот дроб“.

По издавањето на албумот „Arabxilla“, таа прави ремикси за изведувачи, како Мамасита (Клак Рекордс), Шон Џ. Рајт, Стереогамус, Алинка (Трајбал и Тврил) и Зала (Коничива Рекордс), меѓу другите.

Покрај солистичкиот материјал, Аереа Негро, исто така, има остварено истакнати соработки, како на пример долгогодишните настапи со Hercules & Love Affair. За првпат во 2005 година на концерт на Antony & the Johnsons во Берлин го запозна фронтменот Енди Батлер, а неколку години подоцна се придружи на нивните турнеи. Аереа подоцна соработуваше и на неколку песни на вториот албум на бендот „Blue Songs“, издаден во 2011 година. Следната година го позајми вокалот на три песни на Тобијас, за албумот „Bending Over Backwards“ на издавачката куќа Остгут Тон Рекордс. Соработува и има настапувано во дуети и со Матијас Агуајо, Мигуел Торо, Били Реј Мартин, System of Survival и Масимилијано Паглиара.

Без разлика дали се наоѓа во диџејска кабина, дали работи до мугри во студио или е на сцена за време на концертите, Аереа Негро ѝ се препушта на сопствената креативност, односно таа прска од неа на сите страни како од дезодоранс…

Освен Aérea Negrot, вечерта ќе настапат и Соња Исмаил и THE MOUNTAIN, а цената на билетот изнесува 200 денари.

Гостувањето на Аереа Негро е во рамки на клубската програма на Skopje Pride Weekend 2017 – ТРАНС-ФОРМАЦИИ.

x

Check Also

Битолско чоколадно млеко со 10 витамини за поздраво детство (ФОТО ВЕСТ)

Внесувањето здрави и корисни состојки што го поттикнуваат развојот на детскиот организам ...