Водич за говор(ници): Стил, јазичен шунд и…. па, ова, како да ви кажам…

Лесно е препознатлив стилот во говорот на нашите политичари и јавни личности. Легендарно ќе остане „разбира се“, на пример. Или „реков и пак ќе речам“, или „нели“, или „секогаш може и подобро“…Денес се повеќе се актуелни „ерга омнес“, „дегутантно“, „па, видете“….Па….Ова како да ви кажам. На пример.  Особено кај оние кои многу нешта одеднаш сакаат да ни кажат, а имаат малку што да ни речат.

tekst 0

Ако тргнеме од самото значење по кое германскиот збор „шунд“ означува роба без вредност, отпад, а пренесено во други сфери обично подрзабира уметничко дело без никаква уметничка, литерарна или било каква вредност, тогаш и јазичниот шунд би можел да подразбира зборови или изрази кои немаат никаква изразна вредност, туку претставуваат празен, безвреден јазичен материјал, ништо не значат и ништо не кажуваат.

Имаме ли ние такви зборови? Нормално, да. Само треба да обрнеме внимание на начинот на кој многу говорници ги искажуваат своите мисли и нема да биде тешко да ги забележиме.

Како јазичен шунд би можеле да ги означиме и пцовките (или навредливите зборови), особено оние кои многу лесно и често, махинално, без било каква мотивација и повод се изговараат во речениците што е типично за оние кои имаат тешкотии во изразувањето, па таквите зборови им служат како наративни помагала. Но нам, всушност, не ни е муабетот за репертоарот од пцовки, туку за сите оние непотребни зборчиња со кои изобилуваат говорите на нашите јавни личности.

Со зборчето „па“ се добива на време

Манирот на употреба на тие празни зборчиња и фрази е особено воочлив во говорните искази. На вешт и добар говорник, тешко дека ќе му побегне некој одвишен збор, но повеќето говорници баш и не можат да се пофалат со таква култура на говорот.

Многу соговорници кога треба да одговорат на некое прашање, махинално, одговорот, како по правило, го почнуваат со зборчето „па…“. Ова зборче нема никакво значење, а најчесто се изговара како несвесен збор-пауза, веројатно поради потребата да се добие во време. Понесигурен говорник или соговорник за да добие повеќе време од т.н психолошка секунда пак, постапува уште поитро, и на зборчето „па“ додава и други сегменти. „Па, да ви кажам, мислам, дека воопшто не беше лошо…“. На пример.

Во игра на купување на време е и зборчето „ова“. Кога некој има потреба да застане во говорот, особено ако не знае како да ја продолжи мислата, тогаш настапува „ова…“. „Па знаете што, ова…, ние сметаме дека разговорот е завршен“, на пример.

Секако има и поинакви „решенија“, такви кои во облик на квазипрашања се вметнуваат било каде во реченицата.

Но ова не е целиот репертоар од можни комбинации кои се движат од речиси неартикулирани гласови, почнувајќи од оние најнепријатните од типот на „а-а-а-а-а..“ кои понекогаш знаат да се растегнат и на неколку секунди, до оние од типот „па“, „ова“, „нели“, „знаете што“, „како да ви кажам“, „ако можам така да кажам“ до употреба на латински фрази.

Па добро, бе, зошто вака?

Познатото зборче „бе“ кое под влијание на нашите северни соседи понекогаш се претвара во „бре“, го употребуваат речиси сите без воопшто и да знаат што би требало и да значи. Интересно во тој поглед е и зборчето „меѓутоа“. Како и „прибидејќи“. Често се користи на почеток на реченицата, но изгледа дека нема никакво значење ни смисла. „Па добро, бе, зошто тоа да нема смисла?“. „Зошто бе правиш така?“. „Бре, да не поверува човек што прават луѓево!“.

Овие зборчиња можат да бидат и навика, но можат да бидат и очигледна последица на недостаток на зборови. „Како да кажам“, „ме разбирате“, „ова“, „значи“ и слични, луѓето најчесто ги употребуваат додека смислуваат што да кажат, а се од страв да не престанат да ги слушаат, за да го задржат вниманието на соговорникот.

Колку пати до сега на некоја од телевизиите, на пример, сте слушнале разговори меѓу водителите и нивните гости, кога на секој одговор на водителот, барем третина од одговорите почнуваат со „морам да признаам дека“. Во секојдневниот јазик слушаме “дефинитивно ова“, „дефинитивно она“ и изгледа како се во животот да им станало „дефинитивно“. А ако нешто не е им „дефинитивно“ тогаш мора да е „дегутатантно“. Дегутантноста едноставно е во мода.

Не по врат, по шија

Што се однесува до т.н плеоназми, во мое време тие се викаа тавтологија, но како и да е, значат – трупање на зборови и изрази со исто значење или повторување на една иста мисла со различни зборчиња. Секако, за нив не сме ни свесни додека ги изговараме. Сте слушнале како некој некогаш нарачува, на пример, хемендегс со јајца? Што би се рекло, јајца со јајца?

Честопати слишаме, ова тежи цирка околу 10 килограми. Ако ни текне дека „цирка“ на латински значи „околу“ веројатно следниот пат ќе бидеме повнимателни во исказите.

И колку пати сте го слушнале она „слободно објавете го јавно моето мислење“. Да го објавиме јавно? Може ли воопшто нешто да се објави а да не биде јавно, односно, да биде тајно?

„Тие се мали деца“, „ај спушти се долу“, „променливи варијабили“, „ситни детали“, „битна суштина“, „конечен резултат“, како и бесмислените фрази од типот „јас лично мислам“, „со еден збор“…итн, се непотребни во говорите. Па дури и во секојдневниот говор. Во литературата, главно, се оправдани како стилски средства, па во неа слободно може нешто и „со очи да се погледне“, „со уши да се послуша“ или „со рака да е земе“.

И по сето ова се прашувам – страда ли и мојот јазик од неброени „ситници“?

Па.., морам да ви признаам, прибидејќи слободно можам да кажам…видете,  јас лично сметам дека можеби тоа и не е толку забележливо и толку многу очигледно како што е случај кај другите, што можам да кажам… дека јас немам дефинитивно такви јазични и лингвистички проблеми како кај другите кои се навистина, дегутантни. Прибидејќи сум говорник. Дефинитивно, сум! Мислам…Сума сумарум.

Фата Моргана

 

 

x

Check Also

Како ја замислувате модата на доцниот 21 век?

Изгледа дека прогресот во модниот свет е побрз од нашите очекувања. Побрз ...