Водич за живот: да го вратиме во мода писмото од Маркес!

„ Кога Бог би ми подарил парченце живот, би се облекувал едноставно, повеќе би стоел под сонцето, оставајќи го отркиено не само телото туку и душата“.

pismo 2Текстот пред вас се појави на Интернет во 2001 година, непосредно пред славниот писател Габриел Гарсија Маркес мораше да ја напушти родната Богота и да замине во Лос Анѓелес, по вторпат, на неизвесното лекување од рак. Тогаш стануваше збор за лимфни жлезди. Првиот пат, во 1994 година, му беше отсрането едното белодробно крило, исто така зафатено од ракот. Медиумите овој текст набрзо го направија славен. Подоцна, од секретаријатот на Маркес, или пак администраторите на неговиот сајт, демантираа дека станува збор за негов текст. Самиот Маркес никогаш тоа ниту го потврди ниту го демантираше, иако повеќе пати имаше можност за тоа. Меѓутоа, на вистинските читатели и онака им е сеедно. Прочитајте го уште еднаш и ќе видите зошто.

Кога Бог за миг би заборавил дека јас сум само парталава марионета и би ми подарил парченце живот, можно е да не кажам се што мислам, но несомнено би мислел се што кажувам.

Работите би ги ценел не по тоа колку вредат, туку по тоа колку значат. Би спиел помалку, би сонувал повеќе, сфатив дека за секоја минута која ја минуваме со затворени очи губиме 60 секунди светлина. Би се движел кога другите ќе застанат, би се будел додека останатите спијат. Би ги слушал другите кога зборуваат, би уживал во сладолед од чоколада.

Кога Бог би ми подарил парченце живот, би се облекувал едноставно, повеќе би стоел под сонцето, оставајќи го отркиено не само телото туку и душата.

Мој Боже, кога би имал срце, би ја испишувал својата омраза на мраз, и би чекал да изгрее сонце. Би сликал со сонот на Ван Гог врз ѕвездите со една поема од Бенедети, а Сератовата песна би ја подарувал како серенада во мигот на зората.

Би ги полевал розите со солзи, да ја почувствувам болката од нивниот трн и страсниот бакнеж од нивните ливчиња.

На сите луѓе кои ги сакам би им кажал дека ги сакам.

Би ја убедувал секоја жена и секој маж дека ми се најблиски и би живеел вљубен во љубовта.

Би им докажувал на луѓето колку грешат кога мислат да престанат да се вљубуваат кога ќе остарат, а не знаат дека остареле кога престанале да се вљубуваат.

На децата би им дарувал крила, но би им допуштил сами да научат да летаат.

Старците би ги поучувал дека смртта не доаѓа со староста туку со заборавот.

Толку нешта научив од вас, луѓе…

Научив дека целиот свет сака да живее на врвот на планината, а не знае дека вистинската среќа е во начинот на совладувањето на падините.

Сфатив, кога тукушто роденото дете ќе го стегне со малата дланка, за првпат, прстот на својот татко, го фатил засекогаш.

Научив дека човекот има право да го гледа другиот од горе единствено кога треба да му помогне да се исправи.

Толку нешта научив од вас, иако тоа веќе нема да ми биде мене од полза, зашто кога ќе ме спакуваат во оној ковчег, јас, за жал, ќе почнам да умирам.

М.М.

x

Check Also

Како ја замислувате модата на доцниот 21 век?

Изгледа дека прогресот во модниот свет е побрз од нашите очекувања. Побрз ...