Ин – Враќање на стилот на Кларк Гејбл: Или…Искрено, драга моја баш ми е гајле!

Знам  позната ви е од некаде оваа реченица – „Секој сака да биде Кери Грант. Дури и јас сакам да бидам Кери Грант“. А, ако мене ме прашувате, а се колнам, внимателно ги следам модните движења, лудилата и актуелните трендови, јас навистина денес сакам да бидам Кларк Гејбл. Сосе неговото луле и мустаќи.

klark 2

Повеќе од 30 години Кларк Гејбл беше кралот на (нека, биде и модниот) Холивуд. Жените го сонуваа, а мажите го имитираа(т). Неговата мажественост, ноншалантност, а особено стилот на облекување го направија легенда. Чекајте, и мустаќите!

Кларк Гејбл беше еден од првите во Холивуд кој носеше шамивче во надворешниот џеб од сакото. А јас сеуште не бев ни роден!  Всушност, сеуште не носев ни пелени. Кога почнав да одам на две нозе, прво слушнав дека постојат вратоврски, ехеее…, тоа беше дури години подоцна, откако за првпат ме дотераа во тоа чудно „јаже за бесење“. Пред тоа дознав дека постои Кларк Гејбл.

Потоа слушнав и дека постојат некаквиси пеперутка –вратоврски, а дури кога малку од малку созреав (и речиси проодев на три нозе), види, имало и шамивчиња. Го носите во џебот, во случај да ве откачи рибата. Ма, неее. Кој би го откачил Кларк Гејбл?, знаев.

Неговите сакоа беа строги, моите не баш по мерка. Неговите беа совршено скроени. Моите, дааалеку од неговите баш. Тој имаше едно копче секогаш запетлано, моите копчиња (и ден-денес) знаат да бидат распар, распетлани. Распетлани како на петел.

И тоа лулето, необичните мустаќи, црно -белите чевли кои до денес остануваат асоцијација за модниот феномен Гејбл. Не сум тој тип, ама би сакал да бидам. Искрено.

Зад себе остави повеќе од 150 насловни страници во списанијата кои (во тоа време) немаа традиција да форсираат машки лица од филмот, туку сексапилни, згодни глумици ( со пропорции висина е еднакво на тежина минус 10). А бе, како да не му се завидува на човеков, кога се убив од работа, а зад себе имам насловни страници кои можат да се избројат на едниот прст од раката. Вог? Никако. Велат, не чуле за мене. А јас ете понекогаш, арчам пари и на нив. Е, не сум Гларк Гејбл, ама понекогаш ми успева па да добијам и нешто без пари. На пример, 100 грама повеќе домати на пазар. По „дампинг“ цена!

Башка тој има и од оние цитати на кои секогаш се палат жените. Не се негови, ама нему му се препишуваат. Јас милион сум напишал, ама никој мене не ми ги прешипишал. Како тој да ги смислил, и моите. А јас сум ги смислил, и неговите. Оние од типот , „Искрено драга моја баш ми е гајле!“ (кога и врзува „шлаканица“ на својата колешка Вивиен Ли на крајот од филмот Однесени од виорот). И со тоа го фрла во сенка и Марлон Брандо, еј, со оној неповторлив цитат од филмот Кум (од 1972 година) и онаа неверојатно добра машка реченица на која не се пали ниедна женска денес (освен оние кои се во тек со акциите на своите мажи од кои им здодеало, секако)-  „ќе му дадам понуда која не може да се одбие!“.

А да и се даде сепак, понуда која нема да може да ја одбие?! Во вид на крзно нешто, бунда, свила, чевли, што ти ја знам… тоа знае само оној… Гејбл. Бакнеж а, викаш не пали, денес? Тоа му палеше само на оној….Кларк.

Е добро, да кажеме, не сум Кларк Гејбл, ама знам дека имам реални шанси да станам и тоа многу брзо. Две недели ми недостигаат за мустаќите, и толку. Лулето веќе го купив. Сакото го нарачав. Шамивчето?

Ај спомни пак, шамивчето????

Ма ајде, вакви мажишта како мене никогаш не цмиздрат, како оној…Кларк ли беше? Мислам, Гејлб.

Фатмир Моргана

Фатмир и Фата Моргана се нашите нови  дописници кои отсега па натаму ќе си го  испишуваат својот моден дневник на нашите страници. 

x

Check Also

Како ја замислувате модата на доцниот 21 век?

Изгледа дека прогресот во модниот свет е побрз од нашите очекувања. Побрз ...