Втор ден на Моден Викенд Скопје: 3 иновативни приказни, сензационално враќање на Маја Кикириткова и ревиски омаж за жената

Интересот за шоурумот „Обединета мода“ и изложбата на „ИВАН АСЕН 22“ не стивнува, додека во рамки на ревискиот дел, дизајнерите и брендовите нудат нови и возбудливи изненадувања за пoсетителите на настанот.

Вториот програмски ден на деветнаесеттото издание на Моден Викенд Скопје, кое се одржува што се одржува во зградата на Европски универзитет, започна со обединет настап на три млади дизајнерки, чијшто заеднички именител е иновативноста. И секоја од нив раскажа посебна модна приказна на пистата.

Прва го скрши мразот Евгенија Зафировска со колекцијата „RELATION BETWEEN WHAT WE SEE AND WHAT WE KNOW…“, инспирирана од инсталационата уметност, а со акцент на одржливоста, занаетчиството и естетиката. Идејата на перспективната македонска дизајнерка со словенечка адреса е да ги интегрира традиционалниот и модерениот стил, односно реинтерпретира концептот на традицијата и рачната изработка на нов и иновативен начин.

Евгенија Зафировска

По неа следуваше Марија Кулушиќ, добитничка на наградата Elle Style за најдобар млад дизајнер во Хрватска. Kолекцијата „IT FELL APARTоткрива силен контраст помеѓу модните парчиња, а особено меѓу текстилите. Наспроти строгите форми на сакоата и капутите, свилените парчиња имаат единствен природен дезен. Применети се различни техники и методи на бојадисувње, за кои е потребно одредено време да доведат до посакуваниот резултат. Поголемиот дел од свилата е нијансирана со камилица, цикорија, кафе, црн чај и ‘рѓосани предмети.

Марија Кулушиќ

Kолекцијата „WHAT’S HER FACE“ на Софија Урумовиќ, пак, се занимава со начинот на кој ликот како мотив се набљудува и интерпретира, кога е прикажан во апстрактен манир преку облеката.Со идејата да се преосмилат секојдневните објекти, како и да се реконструира и ресетира она што сме навикнати да го гледаме во секојдневниот живот, таа развива сосема нов пристап за дизајнирање на облеката.

Софија Урумовиќ

Македонската етаблирана дизајнерка Маја Кикириткова приреди сензационално враќање на настанот. Модниот бренд со нејзин потпис се претстави со пролетна колекција наменета за сите динамични жени, овозможувајќи им одговор за секој нов предизвик во денот. Парчињата се во препознатливите сезонски пастелни нијанси, надополнети со белата и црната како задолжителни бои во орманот, а зачинети со нежна тантела, како водечка нита во самата колекција. Жената во ELEAZAR секогаш ќе биде уникатна, а воедно ќе се чувствува удобно и женствено.

ELEAZAR

ELEAZAR

Вечерта ја затвори подеднакво смелиот и рафиниран бренд Arthropoda, чии креации претставуваат омаж за жената. Жената која е уметник, лидер, бунтовник и инфлуенсер во општеството. Таа е мрачна, но прекрасна, различна, но извонредна. Фокусот на колекцијата „ATRP FALL19” е ставен на плетивата, давајќи им специјален пресврт преку истражување на нови форми и комбинација на детали. Парчињата се направени од висококвалитетни материјали и надополнети со уникатни аксесоари.

Arthropoda

Arthropoda

По завршувањето на официјалниот дел, забавата продолжи во Public Room, каде домашните и странските гости уживаа во репертоарот на Јана Бурческа, придружена од Александар Филиповски, како и сетот на диџеј Константин В.

За маркантната шминка на манекенките одново се погрижи брендот Kryolan во соработка со школата за убавина Art, додека за прекрасните фризури се заслужни производите од Rebeel Professional , како и вештите раце на докажаните професионалци: Bube Studio In, Cool Cut и Станче Кипријанов. Официјален партнер и омилен избор за чевли на Моден Викенд Скопје е Bellmondo Shoes.

*ФОТОГРАФИИ: AD Photography

x

Check Also

Вистински Cyber Monday на Fashion Group со -30% попуст на се

Понеделникот кој сите го сакаме, вистински Cyber Monday на Fashion Group само ...