Зана Алиу

Втор ден на Моден Викенд Скопје: Носталгија за минатото и поглед кон иднината

Програмата започна на железничката станица со авангарден перформанс на Теодора Митровска, која со стариот воз на Јосип Броз Тито, ги одведе мноштвото домашни и странски посетители на чудесно патување низ времето на стара Југославија.

Теодора Митровска

Македонската дизајнерка со лондонска адреса, прва го отвори вториот ден на Моден Викенд Скопје, приредувајќи несекојдневна визуелна презентација на машката колекција „20.18“, во соработка со партнерот за обувки ARTHUR’S shoes. Брендот со нејзин потпис е препознатлив по константните обиди да ги инкорпорира елементите од нашата култура, концептот за работничката класа, односно естетиката на униформите.

Инспирацијата за креациите е длабоко лична и интимна, со одредена доза и на темнина, а цели да создаде андрогини неземски војници на модерното доба. Си поигрува со мажественоста и родовите стереотипи кога е гардеробата во прашање, па истражувајќи нови текстилни техники и неконвенционални материјали, таа настојува да ги урне ваквите бариери.

Програмскиот дел продолжи во Музејот на град Скопје, со ревија на бугарскиот современ и алтернативен бренд  Jar & Jam, чии лимитирани парчиња облека во нијанси на бонбони, наменети се за сладокусците со младешки и игрив дух, особено во зимските месеци. Футуристичката визија и иновативноста како нивен заштитен знак, воочлива е и во последната колекција насловена „Tempo & Patience…Sweet temptation“, којашто неодоливо го оживува духот на 90-тите години од минатиот век.

Jar & Jam

Jar & Jam

Првите чекори на домашната сцена вечерта ги направи Мила Спасовска под етикетата Yamuna, дебитирајќи со самостојната колекција „Текстура на умот“, која дефинира стихија на сопственото јас. Ни ја подарува убавината која стои зад внатрешната војна. Го гледаме човекот како си игра со временските непогоди и како чекори низ нив. Го гледаме човекот како е подготвен за секоја непогода, а воопшто не е подготвен за блаженство. Внатрешната наспроти надворешната борба и вечното тежнеење кон сопствена револуција.

Yamuna

Yamuna

Со ревијата за „LA NUIT“, доминантно на модната писта настапи и Зана Алиу, на која визијата оваа сезона ѝ е да покаже зошто црната боја е совршена хармонија на елегантното. Според дизајнерката, таа е царица на општеството. Толку едноставна и толку комплицирана. Таа е тивка и скромна, но истовремено и арогантна, бурно изразувајќи ја страста, мистеријата, љубовта, сексипилноста. Црната има сѐ и нејзината убавина е апсолутна, а истото го демонстрираше и низ креациите кои не ја оставија публиката рамнодушна.

Зана Алиу

Финишот на саботниот ден беше резервиран за нетрпеливо очекуваниот проект „Нитка“, чиишто учесници ѝ се претставија на јавноста со заеднички перформанс, во рамките на Моден Викенд Скопје. Станува збор за групата млади таленти: Дана Ќосева, Мирјана Јосифоска, Хозе Белмонте, Радица Лазова, Катерина Димитрoвска и Марија Стојановска, кои изразија волја да учат, експериментираат и се усовршат во ним сосема непозната сфера – плетењето.

Нитка

Под менторство на дизајнерката Ирина Тошева, Здружението на жени „Цвет Крушево” и Светлана Димитријевиќ, шестмината за неполн месец научија повеќе различни техники од подзаборавениот занает, преведувајќи ги на модерен начин во своите дизајни. Рачно сплетоа оригинални модели, работејќи во тандеми, а конечниот резултат е изненадувачки. Проектот „Нитка“ е финансиски поддржан од Министерството за култура, во склоп на манифестацијата „Нов културен бран“ во 2019 година.

Пред и после секоја одржана ревија, одново можеше да се слушнат изведбите на Јон Бела и бендот Moonage. Забавата по нивното завршување продолжи со звуците на познатиот ди-џеј Алек Солтиров. Во чест на десетгодишнината се наздравуваше со Johnnie Walker Highballs, квалитетните вина на Vizba Valandovo Winery и жолтата ракија од Antika 5. За вистинско освежување со стил, официјалната вода на настанот е Пелистерка, домашен бренд со традиција од 1953 година. За страствените љубители на кафе, пак, официјален топол напиток е Essse coffee.

За маркантната шминка на манекенките се заслужни брендот Kryolan и визажистите од школата за убавина Art, додека занимливите фризури беа направени со производите од брендот Revlon Professional, како и вештите раце на докажаните професионалци од Bube Studio In. За целодневна нега, свежина и здравје на кожата, косата и ноктите, препораката на Моден Викенд Скопје се производите од козметичката линија за убавина Merz Spezial.

*Автор на фотографии: AD Photography

x

Check Also

15 ГОДИНИ HUGO BOSS: Прославуваме 15 години стил и елеганција

Брендот Hugo Boss прославува 15 години постоење кај нас. Во тој повод ...