Запознајте ги четирите Пехчевски водопади на реката Брегалница

Пехчево, покрај тоа што е дел од Малешевскиот крај познат по исклучително богатата флора и фауна, исто така важи и за еден од најубавите краеви во Републиката за рекреативен туризам. Како град, Пехчево е позициониран на 1000 метри надморска височина, што го прави идеален за релаксација и вистински одмор на чист планински воздух. Неодамна, во Пехчево беше отворен и првиот хотел, Хотел Гогов, кој сега на сите љубители на планинскиот туризам им овозможува и сместување во одличен амбиент, квалитетна храна и спа услуги. Хотел Гогов е така позициониран да на гостите, туристи, им понуди различен тип рекреативни и спортски активности, бидејќи се наоѓа токму во срцето на Пехчево, од појдовната точка кон недопрените природни убавини.

pe2

На неколку километри од Пехчево се наоѓа туристичката населба Равна Река, како и местото Ченгино кале, познато уште и како најисточната точка на Македонија. Од Ченгино Кале извира реката Брегалница, а од под него извираат двете помали реки Љутачка и Ж’тачка река, кои на местото Скокото се влеваат во друга река која продолжува во Равна Река. Овој туристички локалитет изобилува со бујна вегетација, рамнини и водопади, познати како Пехчевски водопади. Пехчевските водопади, вкупно четири, се нарекуваат место од каде што црпите природна сила и се вистинска уметност на природата, создадена по течението на реката Брегалница.

pe3

Спиковски водопад се наоѓа на Спиковска река, десната притока на Равна Река, по што го добил и своето име. Уредна пешачка патека од околу 500 метри, со поставени летниковци и клупи за одмор води кон овој водопад, каде што бистрата вода паѓа од околу 8 метри.

Црнодолски водопад е именуван според местото каде што се наоѓа, Црн дол, исто така уште една притока на Равна Река. Уредната пешачка патека што води до овој водопад, долга околу 400 метри е исполнета со многу летниковци и места за одмор на посетителите и е доста погодна за пешачење. Водата во овој водопад паѓа од 5 метри височина.

pe4

Скокотот е третиот водопад кој се наоѓа на горниот дел од Велевичка Река, веднаш по влевањето на Љутачка и Ж’тачка Река и изобилува со огромно количество вода. Водата од овој водопад има пад од околу 7 метри височина. До самото место води уредена пешачка патека која почнува од местото наречено Дебел Рид и е со должина од околу 1500 метри.

Водопадот на Љутачка река е четвртиот водопад, кој може да се посети само со теренско возило. Водата прави пад во височина од околу 10 метри.

 

x

Check Also

ГАЛИЧКА СВАДБА 2021: Автентичната традиција продолжува

По пауза од една година поради ковид-19 пандемијата, претстојниот викенд продолжува традицијата на ...