Запознајте ја Сарита Бредли, македонската Бијонсе

30-годишната Сарита Бредли живее и работи во Минхен, успешно се пробива во светот на глумата, зад себе има дузина улоги, а пред себе – вели – цел да оствари соработка и со македонските режисери, продуценти, филмски работници, колеги…

sarita 876

Навраќа во Македонија често, два до три пати во годината, зашто за неа Македонија е земјата во која живеат најпрекрасните луѓе, топли луѓе, пријателски расположени, насмејани…„Ќе дојдам тука, еве вака речиси ненајавено, и светот одеднаш се менува, мојот свет. Се чувствувам како да сум застанала на некоја голема бензинска пумпа и полнам гориво. Полнам енергија. Луѓето тука зрачат со енергија, несебично ја споделуваат, што не е чест случај во другите земји. И така, само два три дена ќе останам и повторно се враќам во Германија. Но сосема променета, полна со светлина и топлина, акумулирана во мене оттука“, со насмевка ни раскажува преслатката Сарита Бредли зборувајќи на симпатичен македонски јазик.

sarita 5555

Оваа убава 30-годишна девојка по потекло е од Прилеп. Се родила во Германија, во Франкфурт, запишала економски факултет (кој го завршила), но отстекогаш сакала да биде глумица. Всушност, таа е и родена глумица! Патот ја одвел во Сиднеј каде ги зема првите приватни часови по глума. Во Минхен се враќа во 2009 година, веќе сигурна дека знае што сака да работи. Добива работно место во филмската редакција на германската телевизија Теле 5, се пријавува и на кастинг за филмска улога и веќе е препознаена од „прва“. Познатиот германски режисер Олаф Итенбах веднаш и нуди улога во неговиот филм. Не споредна, туку главна улога. И оттука започнува нејзината самостална актерска кариера. Следуваат различни проекти, различни големи и помали филмски улоги и тие успеси ја водат до Мајами. Поточно, до улогата во популарната телевизиска серија Истрага на местото на злосторството.

sarita 789

sarita 675

Во 2012 година ја добива улогата на Пиа во трилерот Его Зомби, а филмот е промовиран на Канскиот фестивал. Со улогата на Сандра Вилијамсон пак, во филмот Cerusit, таа е дел од првиот снимен 3Д филм во Германија.

Нејзизната деловна биографија е прилично долга и полна со различни филмски улоги. Сарита е и убавото лице од повеќе рекламни кампањи, спотови, плакати, модни кампањи…

sarita 234

sarita 567

sarita

Моментно пак, е ангажирана на фитнес проектот во кој таа е всушност, личниот тренер кој ги води гледачите низ вежбите.

„Фитнес проектот е сеуште во фаза на снимање, а ќе се емитува на Интернет цели 10 недели. Вежбите се во серии, секоја посебна емисија, а гледачите ќе имаат можност да вежбаат со мене 3 пати во неделата. Тренинзите се напорни и траат од 30 до 60 минути. Прекрасен проект!“, раскажува низ насмевка Сарита.

Всушност, ретко и кога ќе ја видите без насмевка на лицето, зад која блескаат убавите бели заби. Со големите крупни очи го „чита“ секој збор, внимателно слуша, па повторно се смее…На моменти толку многу ве потсетува на Бијонсе, на моменти пак е толку оригинална, единствена, посебна.

sarita 654

Една е Македонката Сарита. И единственае  во скромната желба – „Сакам да и се претставам на Македонија, сакам луѓето тука да знаат што работам, сакам да остварам некаква соработка со македонските филмски работници, со македонските телевизии, ете, тоа ќе биде и добра причина почесто да доаѓам тука“; искрено ни соопштува.

Времето „ни лета“ во најразлични муабети. Отворени, искрени, речиси како да се познаваме од деца. И веќе стануваме пријателки кои тешко се разделуваат по средбата. Попатно, прозборува – „ Неодамна го сретнав Милчо Манчевски. Заборавив да ви кажам… Всушност, занемев кога го сретнав. За првпат занемев, само гледав во големиот филсмки режисер кој стоеше тука… Вие имате навистина големи филмски режисери!“.

Занемела, Сарита? И веруваме. Оттука требаше да започне нова приказна, нов музабет, на пример, во оваа насока – „А зошто занеме? А зошто не му кажа ни збор? Па, тој е еден толку пријатен човек“….

Ама таксистот веќе ја отвори вратата. Пред да влезе, Сарита не заборава да изусти дека „Македонија е гаранција за поминато убаво време“. А потоа додава „едвај чекам пак да дојдам!“. Не заборава уште неколкупати да се заблагодари за разговорот. Се тоа за неполна минутка…

И веќе истиот ден е назад во Минхен. Оттаму пристигнува порака – „Веќе сум на работа. Едвај чекам да ви дораскажам за некои прекрасни нешта што ги видов во Македонија“.

Искрено, и ние едвај чекаме Сарита Бредли повторно да ја видиме тука, во Македонија. И не само на муабет, туку и на филмското платно, кое и тоа како го заслужува.

Ј.Кантарџиева

x

Check Also

Чоловиќ Лешоска: Репрогласувањето на НП Маврово е клучно за опстанокот на Балканскиот рис

Балканскиот рис е критично загрозен затоа под итно треба да се преземат ...