Збогум Енио Мориконе, да се потсетиме на неговата животна приказна: На 6 години ја напишал својата прва композиција, а на 12 годишна возраст бил член на конзерваториумот!

Италијанскиот композитор и диригент, Енио Мориконе, почина на возраст од 91 година.

Дури и на оние на кои не им е познато неговото име, познати им се неговите композиции. Мориконе е дефинитивно еден од најголемите композитори на филмска музика на сите времиња. Во својот живот со композиции украси над 500 филмови и соработуваше со завиден број на најпознати луѓе од филмскиот свет. Неговата работа е крунисана со бројни признанија и награди, меѓу кои и со Оскар.

Енио Мориконе се родил во 1928 година во Рим, град од кој никогаш не си замина. Неговиот татко свирел труба во бројни џез клубови, и тој му ја пренел љубовта кон музиката но и знаењето. Покажувајќи извонреден талент од мал, својата прва композиција ја напишал со само шест години, а на 12 години веќе бил член на конзерваториумот каде своето образование го насочил на труба, композиција и хорска музика.

Во младоста, по стапките на татка си се насочил кон џезот, но работел и аранжмани за поп песни и музика за потребите на телевизијата Раи. Набрзо почнал да пишува композиции за драмски претстави, а потоа и за големото платно.

Квентин Тарантино, Брајан де Палма, Џузепе Торнаторе, Роман Полански, Бернардо Бертолучи се само некои од импресивните имиња со кои Мориконе соработувал. Сепак, ако треба да се издвои едно име, тоа бил Серџо Леоне. Интересен податок е што двајцата во детството биле школски другари. Заедничкото време во школските клупи било кратко, но судбината повторно ги споила многу години подоцна кога Леоне му предложил на Мориконе соработка. Од оваа соработката настанаа некој од најпознатите филмови во историјата. Прочуените вестер филмови како што се Добар, лош, зол, За шака долари и За долар повеќе кои се од трилогијата Долар, потоа Беше еднаш на Дивиот Запад, како и филмот Беше еднаш во Америка, својата слава ја долгуваат токму на овој фантастичен спој на големите уметници.

Една од главните карактеристики на неговата музика беше таа да си го живее својот живот независно од филмот. Дури и кога ќе ги затворите очите слушајќи ја, можете јасно да ги видите и почуствувате кадрите кои се одвиваат на големото платно.

Енио Мориконе важеше за експериментален композитор, што и самиот тоа го потврдуваше. Во својата богата кариера прошета низ различни жанри – од вестер, хорор, драма до трилер. Употербуваше необични инстументи, звуци и други помагала за на најдобар начин да ги претстави емоциите. Грандизоноста на неговото дело е и во тоа што негововите композиции најдоа примена во модерната култура и ги инспирираа уметниците од различните жанри, бендовите како Металика, Дејвид Гета, а можат да се слушнат и во серијата Симпсонс.

И покрај огромниот успех, Оскарот некако му бегаше. За оваа престижна награда бил номиниран пет пати, пред конечно да ја добие во 2016, за музиката која ја напиша за филмот на Квентин Тарантино.

Иако беше прилично стар, Мориконе продолжуваше со турнеи. Сите негови концерти беа однапред распродадени.

 

 

x

Check Also

Вистински кујнски помошник – колку минути заштедува машината за садови?

Сите сакаме да имаме повеќе слободно време за семејството и најблиските пријатели, ...