Збогум, Карл Лагерфелд

Креативниот директор на Шанел, модниот гениј Карл Лагерфелд, со недели наназад не се чувствувал добро, поради што и пропуштил неколку ревии. Прочуениот дизајнер почина на 85-годишна возраст.

Да се потсетиме на неговиот живот и дело.

Карл Ото Лагерфелд никогаш не го потврди својот точен датум на раѓањето инсистирајќи дека треба да остане тајна, но се верува дека е роден на 10 септември 1933 година, во Хамбург. Растел во богато семејство, со постарата сестра Марта Кристина (Кристел) и Теа – полусестрата од татковиот прв брак. Татко му, со шведско потекло, имал успешна компанија, која прва во Германија почнала да продава млеко во прав, а мајка му, Елизабет, по потекло од Берлин, пред венчавањето со таткото на Карл работела како продавачка во бутик за долна облека. Во семејното опкружување свирела виолина и станала интелектуален столб на семејството. Кога Хитлер дошол на власт, семејството се преселило на селскиот имот на север од Германија, што подоцна Карл ќе го протолкува како причина што тој како дете не бил свесен за тоа во што влегува Германија.

Карл добил добро образование уште од дете, одел во приватно училиште. Уште на таа возраст покажал интерес за мода и дизајн. Често сечел слики од списанијата, а на училиште ги критикувал децата за нивното облекување. Со само 14 години донел одлука да се пресели во Париз, каде што го продолжил школувањето на лицејот Монтењ и каде што дипломирал цртање и историја. По само две години живот во Париз испратил свои скици на еден натпревар за дизајн, на кој го освоил првото место во категоријата на капути. Тогаш го запознал и победникот во категоријата на фустани, Ив Сен Лорен, кој работел за Диор, и кој му станал близок пријател.

Со само 22 години, во 1955, Лагерфелд му станува помошник на Пјер Балман. На оваа работа останува три години, а потоа преминува кај Жан Пату, каде што дизајнира колекции на висока мода во следните пет години. Првата колекција ја прикажува во јули 1958 година, под името Ролан Карл, а не под свое име, кое до 1962 година гласело Лагерфелт, со едно „т“, кое самиот го исфрлил за да звучи покомерцијално. Од 1962, Лагерфелд станува слободен уметник, дизајнер, кој набргу отвора и мал бутик во Париз. Работи за неколку куќи, меѓу кои и Тицијани, а од 1964 и за Клои, за која во почетокот дизајнира само неколку парчиња во колекцијата, а подоцна почнува да ги работи и целите колекции. Тогаш првпат ја креира и својата мирисна нота. Колекцијата за Клои прикажана во есента 1972 година, ги освојува насловните страници нудејќи „нешто меѓу висока мода и висок кемп“. Истата година почнува соработка и со Фенди, за која дизајнира крзна, облека и модни додатоци.

До 80-те години Карл Лагерфелд станува ѕвезда на модниот свет. Печатот го обожава, ја следи секоја промена на модниот стил и сите негови изјави. Влегува во модната куќа Шанел во 1983 година, каде што го оживува духот на Коко Шанел, а веќе следната година ја основа и сопствената линија КЛ. Неговиот успех се пресликува и на неговите соработници, а кога ќе одбере заштитно лице за новата кампања, тоа веднаш станува и супермодел, како што беше случај и со Клаудија Шифер. Модните ревии често предизвикуваат контроверзии, на миланската недела на модата во 1993, славната уредничка на Вог, Ана Вентур, станала и демонстративно си отишла зашто Карл ангажирал стрипери и порноѕвезди за да ја прикажат црно-белата колекција Фенди. Кога во 1994 година искористи стих од Куранот за колекцијата на Шанел, наиде на протест на муслиманите, кои бараа Шанел да се бојкотира, па Карл мораше да се извини со добро смислено објаснување. Поради ставот со кој го поддржува користењето на крзното во модната индустрија, иако самиот не носи крзно и едвај јаде и месо, често има проблеми со активистите за заштита на животните.

Oд глава до петици облечен во брендови, слаб, речиси и да не можеме да се сетиме на оној Карл од 90-те години, со ладалото со кое ексцентрично и по малку невротично мавташе секогаш кога ќе ги здогледаше папараците, во костумите што го покриваа стомакот. Карл, кој во 2001 година за 13 месеци загуби 40 килограми само за да се облекува во тесни костуми, беше појава што не може да се заборави. Активен и посветен на работата, неуморен и со исклучително широк спектар на интереси, овој маг на модниот свет изјавуваше дека многу работи само затоа што не ја поднесува здодевноста. Ја промовираше филозофијата и книгите, отвори дури и симпатична книжарница во Париз, преведуваше германска филозофска литература, зборуваше неколку јазици, активно се занимаваше со фотографија, имаше страст кон купувањето стари вили, кои потоа ги уредуваше и повторно ги продаваше.

Иако себичноста ја истакнува како своја доблест, несебично ги промовираше уметниците, кои и самиот ги сакаше, местата што ги обожаваше, рестораните, градовите, хотелите, библиотеките, глумците, пејачите… Секоја негова изјава за некоја личност беше вистински катапулт меѓу ѕвездите. Од друга страна, за неговиот љубовен живот не се знаеше ништо. Тврдеше дека семејните односи не го интересираат, а дека деца не поднесува и дека е вљубен само во својата работа. Веројатно и тука некаде се криеше тајната на неговиот успех, која трае веќе речиси половина век.

 

 

x

Check Also

Есен во стилот на 70-те со новите модни парчиња од MANGO

Есенската колекција од Манго воодушевува и не навраќа на духот на 70-те ...