„Живи Сликовници“ најубавиот подарок за најубава игра и растење

„Живи сликовници“, сликовници полни со љубов за најубави детски денови и развој на најмалите.

Секој детаљ е рачно изработен од внимателно одбрани детали и најубави материјали за малите палавковци и принцези преку игра да растат, учат и да уживаат во секое ново знаење и истражување.


Како започна приказната?

„Станува збор за светски бренд кој едноставно посакав да се најде и на нашиот пазар, или поточно, сакав и нашите дечиња да растат, да напредуваат, да се образуваат користејќи ги овие сликовници. Ерата на компјутерска технологија, како и големото задоволство на родителите да кажат како нивните деца се многу вешти од најмала возраст со технологијата, а не земајќи ги во предвид и негативностите од нивно користење, уште повеќе ме мотивираше да ги пласирам овие сликовници на нашиот пазар“, вели Ана која не освои со нејзината креативност и убавини кои ги создава.

Инспирација, материјали, создавање… од почеток до крај како се создава една „жива сликовница“

„Сликовниците се наменети за дечиња на возраст од 1 до 8 години.  Станува збор за персонализирани сликовници кои се изработуваат по желба на клиентот, а активностите кои ги содржи истата се адекватни на возраста, полот и афинитетите на детенцето на кое му се наменети. Некогаш сликовницата е креација на нарачателот, но почесто се остава на моето искуство и предлог кој одговара на возраста, полот и намената“, вели Ана.

„Дел од сликовниците се наменети за лична употреба на дечињата, значи е подарок од родителот за своето дете, но дел се и подароци, најчесто роденденски, затоа што станува збор за безвременски подарок кој останува како траен спомен. Морам да ги спомнам бабите како редовни клиенти кои порачувајќи ваква сликовница велат дека сакаат да остават траен белег зад себе и тогаш кога ќе ги нема, тогаш кога нивните внуци ќе бидат возрасни. Поголем број од моите сликовници одат како уникатни подароци за наши дечиња кои ја напуштиле државата и сега живеат во Франција, Швајцарија, Австралија, Америка“, вели Ана.


„Сликовниците се изработуваат од материјали кои се меки, нежни на допир и пријатни за детските рачиња. Употребувам и украсни елементи како чипки и тракички кои играта ќе ја направат повпечатлива. При изработката се внимава материјалите и украсните елементи кои се користат да не се загрозувачки за децата, освен ако клиентот не инсистира на некои детали. Начинот на спојување на страниците на сликовниците е таков што на клиентите им овозможува да ја збогатуваат и зголемуваат еднаш нарачаната сликовница со нови активности“, вели Ана.

Зошто „живите сликовници“ се повеќе од игра? 

„По вокација сум дипломиран педагог и лесно можам да ги одредам потребите и можностите, но и знаењата кои треба да ги поседуваат дечињата на одредена возраст. Мотивите на сликовниците ги опфаќаат сите подрачја при воспитно образовната работа. Областа на математика (броеви на сметала, собирање, одземање, споредување на броеви), запознавање на природата и околината, белезите на годишните времиња, видови овошја, зеленчук, овошни и зеленчукови градини, животни домашни, диви животни,  морски свет, потоа, бои, форми, развивање на хигиенски и културни навики за редовно одржување на личната хигиена и навики при исхраната. Активности од типот на играта „х о“, пронајди го парот и тн“, вели Ана која својата професија и креативност ги спојува во едно и ги создава овие убавини за најмилите.

„Има и повеќе манипулативни активности наменети за развивање на ситната моторика на децата од мала возраст. Во секој случај, секоја сликовница е приказна за себе. Сликовниците може да бидат комбинација од повеќе области, но изработувам и тематски сликовници. Секоја сликовница е работена со многу голема љубов кон децата, голема посветеност и што е најважно, секоја е индивидуализирана“, истакнува Ана.


Изработката на сликовниците покрај доброто познавање на детскиот свет, педагогијата, познавањето на степенот на знаење за секоја возрасна категорија, бара и големо уметничко око и затоа секоја сликовница е уникатно уметничко дело.

„Никогаш нема две исти сликовници иако активноста е иста. Секогаш ми доаѓаат нови идеи кои знам дека на децата им се корисни и интересни. Изработката на сликовниците е рачна, така што за да се изработи една сликовница потребен е временски период од повеќе денови. Во зависност од бројот на активностите, и една седмица. Целта на сликовниците е воспитно-образовна. Познато ни е дека најлесниот начин за учење на децата е по пат на игра“, вели Ана

Децата и нивните приказни како инспирација… што им е омилено, како тие ве инспирираат?  

„За мене нема поголема инспирација од децата. Тие се непресушен извор на идеи и инспирација. Иако секоја сликовница е желба на нарачателот, реализацијата и креацијата е на мој единствен и оригинален начин. Креативноста ми овозможува секоја идеја од збор да ја преточам во уметност со помош на материјали, интересени , образовни и воспитни за дечињата“, вели Ана.

Сликовниците веќе две години се порачуваат on line со контакт на клиентите на страницата https://www.facebook.com/zivislikovniciana/  и на Facebook Ана Живи Сликовници каде може да се направи сопствен избор на активности од веќе приложените активности или да се изрази своја идеја, која Ана со својата неверојатна креативност и професионалност ќе ја претвори во сликовница.

x

Check Also

На слончето на Халкбанк му треба име! Биди кум на новата маскота за Детско штедење и можеш да добиеш 10.000 ден

Во октомври, месецот на штедење, Халкбанк ја претстави својата нова маскота за ...