Зорица Апостолска, министерката со велосипедот: Својата инспирација ја наоѓам во обичните жени!

На своето работно место пристигнува со велосипед и со самото тоа покажа еден нов, европски модел на министер. Вели дека во привлекувањето на инвестициите ќе биде искреиран нов модел кој наскоро ќе биде обелоденет, а во кој нема да постои било какво фаворизирање на инвестиорите врз основа на потеклото на капиталот. Оваа зрела и стабилна жена има младешки изглед и дух, па ни беше предизвик да поразговараме со неа на нашите заеднички, женски теми. Смета дека секоја жена има сили во себе да го најде своето место, да се наметне и да се издигне над сите парадигми кои општеството ги поставува. А тоа го направи и самата таа. Сепак, посебен мерак беше да се чуе дека инспирацијата ја наоѓа во обичните жени, оние на кои во животот им се случило да паднат, но потоа да се исправат и цврсто да продолжат понатаму. Зорица Апостолска е министеркa без ресор во Владата на Република Македонија, задолжена за странски инвестиции. За нас пак, кои не се занимаваме многу со политиката, Зорица Апостолоска е жена со многу стил.

Како се снаоѓате овие први „сто чекори“ на функцијата министеркa без ресор во Владата на Република Македонија, задолжена за странски инвестиции? Што треба приоритетно да се направи и промени?

Предизвикот е голем поради фактот дека станува збор за ресор за привлекување на инвестиции кој во својот опсег вклучува повеќе сегменти од севкупниот економски и општествен развој, од енергетика, земјоделие, образование, па се до здравство. Мотивираноста со која ја презамав функцијата ми даде доволно сила, ставајќи ги во функција знаењето и искуството со кои располагам, како и да верувам дека успешно ќе се справам со привлекувањето на инвестиции кои ќе имаат долгорочен позитивен ефект врз целокупната економска динамика. Она што е приоритетно, а што е политика на новата Влада, е потребата за еднаков третман на државата кон странските и домашните компании, односно овозможување на подеднаков пристап за домашните и странските инвеститори до бенефициите кои ги нуди државата. Во ова насока во тек е и креирањето на новиот модел за привлекување на инвестиции, кој треба да биде обелоденет наскоро, а во кој нема да постои било какво фаворизирање на инвестиорите врз основа на потеклото на капиталот. Важен исчекор за почеток е и одлуката на Владата за декласификација на договорите за државна помош на странски компании со што самиот процес на привлекување на странски инвестиции станува транспарентен и отворен за јавноста.

Важите за жена со изграден стил. Како накусо , во три реченици, ќе го опишете вашиот стил?

Позицијата наметнува професионален стил и во однесувањето и во дрес -кодот, на тоа се придржувам, но има моменти кога го практикувам и „кежуал“ стилот, се разбира во соодветни прилики.

Од кои жени, од минатото или сегашноста, се инспирирате?

Голема почит кон жените со големи дела, но јас својата инспирација ја пронаоѓам во обичните жени, оние на кои во животот им се случило да паднат, но потоа да се исправат и цврсто да продолжат понатаму. Паѓањето е тешко, но подигањето е уште потешко, и тоа е нешто најмногу ме инспирира и мотивира . Животното искуство ми покажува дека жените имаат исклучителна способност за тоа. Животот носи и подеми и падови, но тоа не треба да обесхрабрува, да демотивира, туку напротив, секогаш да биде извор на нова енерија за нови предизвици.  Тоа според мене најдобро го покажуваат обичните жени, оние кој својот живот го поминуваат далеку од очите на пошироката јавност. Токму таму ја барам својата инспирација кога ми е потребна.

На работното место доаѓате со велосипед што е за големо „браво“. Поради имиџ или од страст?  

Веќе долги години наназад како превозно средство за пристигнување на работа, освен во зимскиот период, кога поради временските услови, ниските температури, не го користам.  Функцијата министер ништо не менува, едноставно, тоа што го правите со годни не можете туку така да го напуштите или да се ослободите. Станува збор за навика за која имам повеќе причини, добро се одразува на физичкото здрваје, попрактично е за движење низ скопските улици, полесно е, но не станува збор за создавање и градење на имиџ. Со текот на времето, оваа навика полека премина и во зависност.

Кој козметички производ секогаш го носите в чанта?

Се разбира, кармин, кој секогаш дава уреден изглед на жената.

Која од актуелните модни марки кај нас, најмногу ви е при срце во однос на деловното облекување? Каде најчесто купувате?

Сакам да сум внимателно и соодветно на приликите облечена, но тоа не значи дека треба да се парчиња од познати марки и бредови. Напротив, мене ми пречи инсистирањето на брендови, така што купувањето го правам тогаш кога  нешто ќе ми се допадне и при тоа да може да се комбинира добро со останата гардероба.

Какви емоции кај вас предизвикува поимот родова еднаквост? Што би можеле тука, кај нас, да направиме нешто повеќе за ТАА – родова еднаквост?

Иако се почесто се актуелизира ова прашање, и тоа институционално, сепак во Македонија  треба да се работи и на промена на менталитетот, пред се тргнувајќи од самите жени. Организирано занимавајќи се со родовата нееднаквост и барајќи еднаквост правиме да се ни случува таа нееднаквост, ја толерираме и не ја препознаваме. Наместо да имаме изградено чувство на еднаквост и тоа да го практикуваме и применуваме индивидуално во секој сегмент од живеењето, без посебни инситуционални стимули,  ние постојано зборуваме дека треба да се избориме за што поголеми права, чекајќи некој од страна да ни обезбеди. Сметам дека самите ние треба да се наметнеме за поголемо учество во политиката, менаџментот, бинзисот, академската средина, како и во останатите сегменти од општественото живеење, а не само да чекаме законски и институционални мотивации и стимулации. Верувам дека секоја жена има сили во себе да го најде своето место, да се наметне и да се издигне над сите парадигми кои општеството ги поставува.

Ј. Кантарџиева

x

Check Also

Мрзлив викенд е да си шопингуваш од дома преку апликација на -15%

Недела е прекрасен ден да си бидете дома, да си уживате сами, ...