Зошто Дега сликаше балерини во нивната убава облека?

„Ме сметаат за сликар на балерини. А никогаш не им паднало на ум дека најмногу ме интересира да го забележам нивното движење и да ја насликам нивната убава облека“.

dega 4

Големиот француски сликар Едгар Дега остави над стотина слики, цртежи и скулптури на кои се занимавал со темите балерини и балет. Во својот дневник во 1874 година парискиот писател Едмон де Гонкур за Дега ќе напише „Од сите можни теми од модерниот живот тој ги избра балерините…тоа е светот на розовото и белото…најдобра причина да се употребат светлите и нежни нијанси“. Дега тогаш имал 39 години и ќе  слика балерини се додека слепилото не му го згасне видот, а за себе ќе каже „Ме сметаат за сликар на балерини. А никогаш не им паднало на ум дека најмногу ме интересира да го забележам нивното движење и да ја насликам убавата облека“.

dega 1

Во балетот Дега најде свет што ја задоволуваше и неговата љубов кон класичната убавина и неговото насочување кон модерниот реализам. На своите дела ги отвори широко вратите и прозорците на салите за вежбање и на училницата во Опера Гарние, домот на париската опера и балет, каде најсиромашните париски девојчиња се бореле да станат нимфи, вили и кралици на сцената. И колку повеќе го сликаше овој свет, Дега стануваше и дел од него, а во своето творештво дури осмили и нови техники на цртање и сликање на тој свет. И како што Сезан пејсажот го нарекуваше модерна уметност, Дега тоа го тврдеше за балетот.

dega 2

Беше обземен од можностите кои ги нудеше и внатрешноста на оперските куќи, можностите истата сцена да ја види од необични агли, од балкон, од партер, од страната на оркестарот или од длабочината на сцената. Сакал да ги набљудува контрастите меѓу светлината и сенките, илузијата и реалните слики, убавината и баналноста…Го интересирале ефектите на вештачкото светло исто толку колку што импресионистите сакаа да ја претстават природната светлина. Сакал да слика внатре исто толку колку што импресионистите сликаа надвор.

Не постојат докази кои би не навеле дека Дега можеби бил во врска со некоја посебна балерина на која и се воодушеевувал, иако во тоа време било вообичаено луѓето од неговата класа да имаат љубовници кои често доаѓаат токму од балетските води. Ги сметал сите балерини подеднакво волшебни, го оправдувал сето тоа што тие го прават  и се смеел на се што тие би рекле. Го сакал балетот, а во балерините нашол еден посебен свет на визуелно уживање. Од друга страна, според некои сведоштва, еротизмот кој Дега го внесувал во сликите била љубовта премногу енигматична за да има име. Едуар Мане тврдел дека Дега не бил способен да сака некоја жена.

dega 5 Балерините кои на своите слики ни ги остави Едгар Дега остануваат меѓу најпопуларните слики од 19 век. Тие зборуваат за посебното мајсторство кое Дега го пренесе на своите дела, на кои речиси фотографски (а ја сакал фотографијата и сериозно со неа се занимавал) се фокусирал на деталите нарушувајќи ја класичната композиција со асиметрија и радикални погледи.

Откако видот се повеќе му се губеше, Дега не можел веќе да слика, па почнал да прави мали скулптури на балерини од восок. Првата од тие скулптури „Малата 14-годишна танчерка“ била облечена во вистинска балетска облека и со перика на главата, и така е изложена на Шестата изложба на импресионистите. Предизвикала скандал зашто за многумина набљудувачи била премногу реалистична и Дега повеќе никогаш во текот на животот нема да изложи ниту една од околу 40-те скулптури кои ги направил. По неговата смрт, многу од неговите скулптури се одлиени во бронза за да се спасат од пропаѓање и свое место најдоа во многу музеи и колекции низ светот.

Стотина години после смртта, Дега останува еден од најзначајните ликови на својата епоха, а убавината и магијата кои ги остави на своите дела сведочат за тоа дека не ги мразел жените како што често се слуша во коментарите за неговиот живот, туку дека ги сакал со една апстрактна љубов која го надминува физичкото и човечкото, која преминува во оддавање на чест на нешто што само се гледа и не се допира. Спартански осамен, Дега остави енигма за себе,која можеме да ја толкуваме на различни начини, обвинувајќи го уметникот за омраза кон жените, за педофилија и порнографија, за се и сешто,  но кога ќе застанеме пред  некое од неговите дела ќе заборавиме на се и само ќе уживаме во тие необични, понекогаш и тажни сцени од животот на младите балерини од крајот на 19 век. И ќе ја почувствуваме таа нежност која Дега ја пренесува запишувајќи и создавајќи еден посебен свет за кој и самиот потврдил дека „само сака да го овековечи“.

Сузана Спасиќ

x

Check Also

Иновативниот уред IQOS отсега достапен и во Битола

Во Битола, во центарот на градот во продажниот објект Парфимерија Шатци е ...