Зошто на некои не им помагаат ни најубавите фустани?

Метафизика на стилот: стилот е она што се добива кога некој би ве „превртел“ од внатре кон надвор.

stil 1

Да се дефинира поимот убавина, колку и комплексно да изгледа тоа на кантарот на индивидуалните вкусови и перцепции, е далеку полесно отколку да се дефинира поимот стил. Додека убавината најчесто ја доживуваме преку материјализираните форми, стилот е флуиден, лебди, се насетува, се препознава преку нематеријалните форми, зборот, гестот, мислата, движењето, изборот, одлуката, желбите, нивото на свеста. Во старите лексикони на зборови и изрази, стилот е дефиниран како начин на изразување и пишување, начин на обликување, начин на компонирање, начин на живеење, начин на игра, збир на карактеристични дела кои ја обележуваат епохата, преносно стилот е дефиниран како обичај, навики, однесување или „начин на која и да е работа“. Ако таа (која и да е) работа ја сфатиме како нешто материјално, тогаш начинот (на таа која и да е работа) е, бездруго, она што ја прави таа работа. Значи, начинот е стилот.  И тогаш, споредно станува што, а важно како.

stil 2

Коренот на зборот стил го наоѓаме во старогрчкиот јазик, во зборот стилос. Зборот стилос денес значи пенкало. Сепак, во времето кога пенкалата не постоеле, стилос значело само – столб. Во форма пак на глагол, стил би можело да значи и нешто што се поддржува (стилоно, на грч. поддржувам). Метафизичарите тоа појасно би го објасниле вака: стилот е оној ментален чин во кој што видливо го поддржувам мојот естетски концепт на мојата надворешна слика, на она што сум јас од внатре, или стилот е надворешна видлива слика на организацијата на она што е внатре во мојот ум и мојот дух.  Премногу комплицирано објаснување за (не)стилизираните, нели?

Во современиот јазик, малку од тој „столб“ останува навистина во дефинирањето на поимот стил. Стилот се изобличува, неговото значење е банализирано, се изветоперува и деградира до онаа мера со која може да се премери – гардеробата. За многумина сега, стилот е облеката, чевлите, чантата, марката, креаторот, за малкумина само стилот е „продолжение на духот преку манифестација на облеката“. Или: мојот стил е она што се добива кога некој би ме „превртел“ од внатре кон надвор! Израз на тоа како јас сакам да бидам виден. Многу повеќе од едно обично облекување, зашто ако телото е продолжение на умот во физичкиот свет, тогаш облеката е само естетска проекција, продолжение на духот кој се „маскира“ и се претставува преку видливото, во случајов, преку облеката.

stil 3Нималку случајна е претпоставката дека стилот е вроден. Дека или се поседува или пак, го има во доза на (речиси) невидливост. Оттука, секое барање на сопствениот стил изгледа како потрага по сопствената душа. Само оние кои добро се познаваат себеси умеат да „владеат“ со стилот.

Пред да облечете нешто поставете си ги искрено овие две прашања – Колку се чувствувате удобно во тоа што го носите? И, дали тоа што го носите е навистина сликата на она што го носите „од внатре“? Само тогаш ниту еден вечерен фустан нема да ви биде недоличен ако го облечете и дење, и ниту еден работен костум нема да асоцира на канцеларија ако го облечете навечер. Накусо, доколку умеете буквално да го претставите расположението на вашата душа, онака како што навистина таа се чувствува, никогаш нема да залутате во стилот. Премногу едноставно, нели? За жал, малкумина од нас и’ се дораснати на едноставноста.

Во целата таа езотерична потрага по стилот, можеби, највозбудливо е тоа што некогаш зборот стилист бил достоен само на писателите. И тоа само на најдобрите од нив. Оние кои не умееле да создаваат вистинска слика од зборот не можеле да бидат ниту стилисти. „Оној што убаво ги обликува своите мисли е стилист“, пишува во старите книги. Само малкумина од старите мислители се осмелиле да го напишат она што навистина го мислат, зашто верувале дека „на стилистите им е работа да го обликуваат зборот, а на мислителите им е работа да мислат“. Од денешна перспектива, верувам дека сите од нив под итно би се фатиле самите за „стилосот“,увидувајќи дека зборот стилист во речникот на нашите современици не е ништо друго туку познавач на шминката, на косата, на мејкапот, или – човек кој знае да ја обликува убавината на оние кои не се сигурни во неа.

Во очајна потрага по претставување на стилот, Пирандело ја создава неговата совршена Дона Деа. Таа е секогаш онаква како што е облечена. Во раскошни фустани, таа е романтична. Во униформа, таа е строга и потполно неженствена. Секоја нејзина облека ја отсликува нејзината душа во мигот на расположението. И така, Дона Деа станува можеби најстилизираната жена во литературата благодарение на пиранделовата искреност. Зошто? Па дури и тоа е прашање на стил.

Ј. Кантарџиева

x

Check Also

Како ја замислувате модата на доцниот 21 век?

Изгледа дека прогресот во модниот свет е побрз од нашите очекувања. Побрз ...